Владата ги исполни брањата на вработените во Охис

Вработените во Охис ќе добијат отпремнина од 1400 евра и социјален пакет. Сите барања на синдикатот на компанијата Владата ги прифатила на вчерашната седница.

- Во рок од 7 до 10 дена Владата ќе трансферира 65 милиони денари на сметката на АД „Охис“ по што компанијата веднаш средствата ќе ги префрли до вработените. Тие ќе добијат и надомест од агенцијата за вработување во зависност од нивната возраст и стаж, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Претседателот на синдикатот Пеце Ристевски посочи дека со овој договор вработените во „Охис“ имаат бенефит по три основи, меѓу кои е и решението на проблемот со здравственото осигурување.

Директорот на „Охис“ Леко Ристовски, вели дека раководството и во иднина ќе работи на изнаоѓање трајно решение, а веќе на идниот економски совет на владата ќе се разговара за судбината на компанијата.

Сите 770 вработени ќе ја добијат отпремнината и социјалните пакети од агенцијата за вработување.

Новиот инвеститор и во иднина ќе има обврска за подмирувањена 24-те плати за вработените и долговите на компанијата вкупно во износ од околу 20 милиони евра.

 

 

30.10.2013 - 12:47

најчитано сега