Влатко Ѓорчев: 1950- 50.000 бебиња, 2012 - 23.000 новородени
Не се работи за никаква политичка агенда, туку за опстанок на голем број на општини, на поголем број на градови кои се на пат да исчезнат, за стотици училишта, за одржливост на пензискиот систем, за одржливост на економијата", вака пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, во интервју за Прес24, ја оценува политиката што владеачката партија сороведува со цел зајакнување на демографската структура во Македониија. Мерките што изминативе седум години ги презема Владата, имаат позитивни ефекти, но за целсен ефект е потребно време.
-Не треба да се смееме, туку крајно сериозно да пристапиме затоа што бројките и последиците се прилично неповолни. Во 1950 година Македонија со одвај 1,2 милиони жители имала цели 50.000 родени бебиња. Во 2012 година со 2 милиони жители имаме одвај 23.000 родени бебиња, вели Ѓорчев за Прес24.
Македонија не е единствената држава која се соочува со овој проблем. Економската состојба има улога, но статистиката покажува дек земји со мали економиим имаат поголем наталитет.
-Турција во 1991 година имаше 54 милиони жители, а денес 75 милиони жители. Тоа е зголемување од 20 милиони жители за 20 години, вели Ѓорчев во интервјуто.
Претеникот на десничакрсКо-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ, вели дека партијата останува на курсот за промоција на традиционалните вредности. Тоа продразбира и дека е против легализацијата на проституцијата.
-Дали Скопје ќе биде подобар град ако има 50 јавни куќи во секое маало, во секоја општина, во близина на училиштата и градинките? Дали би било добро или лошо да се отворат 10 јавни куќи во Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес? Како на нашите ќерки ќе им објасниме дека тоа е професија како секоја друга и дека тоа не треба да биде нивна професија, доколку ја легализираме проституцијата, вели Ѓорчев за Прес24.
Ѓорчев потенцира дека главен сојузник во оваа политика на поддршка на традиционалните и семејни вредности ВМРО-ДПМНЕ ја има во граѓаните.
-МПЦ со векови ја игра својата улога на духовен столб на нашиот народ и тоа ќе продолжи и во иднина. Истото важи и за другите верски заедници. Сепак, потребни се поголеми активности во таа насока затоа што младите се изложени на огромен број на секакви влијанија, некогаш позитивни, некогаш негативни, вели во интервјуто за Прес24, Влатко Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
ПРЕС24: Македонија е една од државите од источна Европа која влегува во критичната фаза на демографската статистика. Иако официјалните бројки покаживаат се уште повисок наталитет, сепак голем дел од држават, претежно во истиочниот дел живее во негативен природен прираст на населението. Колку овие бројки се загрижувачки?
ЃОРЧЕВ: Македонија е во изразито неповолна демографска состојба. Веќе 40 години имаме демографска рецесија, односно опаѓање на бројот на родените од година во година. Доволно е да се види податокот дека во 1950 година Македонија со одвај 1,2 милиони жители имала цели 50.000 родени бебиња. Во 2012 година со 2 милиони жители имаме одвај 23.000 родени бебиња. Јасни се намалувањето на наталитетот и неповолните трендови.
Намалениот наталитет е особено изразен во Пелагонија, Источна Македонија и централна Македонија, односно Повардарието јужно од Скопје. Тоа се околу 40 општини. Во Скопје општини со најмал наталитет се општините Центар, Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров. Од друга страна, има општини кои се позитивен пример за наталитет како во регионот на Полог како Тетово, Боговиње или Желино, а во регионот на Скопје добар пример за солиден наталитет се општините Арачиново, Сарај и Студеничани. Тоа се солидни примери кои ја поправаат демографската слика на Македонија.
ПРЕС24: Но, Македонија не е единствениот случај. Некои статистички податоци и проценки покажуваат дека за дваест до триесет години Балканот ќе има многу поразлична етничка структура од сегашната?
ЃОРЧЕВ: Србија, Бугарија, Романија и Хрватска имаат намалување на населението и лоша демографска слика, а солиден наталитет имаат Косово, Албанија и Турција како позитивни примери. Србија во 2012 година имаше 67.000 родени и 102.000 починати лица, што значи годишно намалување од 35.000 лица. Бугарија имаше 69.000 родени и 109.000 умрени, што значи пад од цели 40.000 лица за само 1 година, плус иселувањето.
Романија во 1991 година имаше 23 милиони жители, а денес има 19 милиони. Тоа е демографска катастрофа и загуба на цели 4 милиони жители. Србија во 1991 година имаше 7,8 милиони жители, а денес само 7 милиони. Бугарија во 1988 година имаше 9 милиони жители, а денес 7,3 милиони жители со висока просечна старост. Тоа е пад од дури 1,7 милиони жители.
Истовремено, на Балканот има земји кои демографски солидно стојат. Турција во 1991 година имаше 54 милиони жители, а денес 75 милиони жители. Тоа е зголемување од 20 милиони жители за 20 години, а демографијата и младата популација се меѓу клучните фактори за економскиот подем на Турција. Косово годишно има 27.000 родени и 7.000 умрени, што значи дека од 2008 година до денес има околу 100.000 жители. Албанија има проблеми со иселувањето, но тоа го компензира со добриот наталитет и позитивниот природен прираст. Овие земји се позитивни примери во демографијата.
Сумарно, на Балканот лош наталитет имаат Србија, Бугарија, Романија и Хрватска, а добар наталитет имаат Косово, Албанија и Турција. Некои земји имаат раст, а некои имаат пад на населението.
ПРЕС24: Од 2006 од кога оваа Влада и ова парламентарно мнозинство ја има власта во Македонија, покренавте неколку мерки за стимулирање на наталитетот. Колку тие мерки даваат резултат?
ЃОРЧЕВ: Потребно е повеќе време да се направи оценка на овие мерки. Демографските движења се релативно бавни и треба да се набљудуваат од поголема дистанца. На пример, Франција веќе 200 години води силна демографска политика. Истото се однесува и на повеќе други европски држави. На пример, во германски Шпигел имаше текст каде се вели дека Германија годишно троши околу 200 милијарди евра за зголемување на наталитетот, но и покрај тоа има најлоша демографска слика во Европа.
Проблемот во Македонија е што претходно цели 40 години не се водела демографска политика. Кога во економијата има пад на БДП за 1 или 2 проценти, веднаш се прогласува рецесија, се формираат кризни штабови, весниците пишуваат. Македонија веќе 40 години има демографска рецесија, бројот на родените е повеќе од преполовен, цели општини и училишта остануваат без луѓе, а некако одвај се забележа овој проблем. Наталитетот и демографијата се стратешки важни прашања кои заслужуваат големо внимание, а ги засегаат економијата, образованието, транспортот, потрошувачката и сите други области.
ПРЕС24: Од каде извира проблемот со наталитетот во Македонија. Дали е тоа економската немоќ на младите или пак нешто друго е во прашање?
ЃОРЧЕВ: Сигурно дека економските услови играат улога. Невработеноста, станбеното прашање и животниот стандард имаат свое влијание врз наталитетот. Од друга страна, држи фактот дека Македонија во 1950 година со 1,2 милиони жители имала 50.000 родени бебиња, а во 2012 година со 2 милиони жители одвај 23.000 родени. Како се живеело во 1950 година, а како е денес? Кога биле подобри условите?
Слични движења можат да се видат во многу други земји. Во Азија најмал наталитет имаат супер – богатите Јапонија, Хонг Конг (Кина) и Сингапур. Помал фертилитет (број на родени деца по жена) од Македонија имаат Германија, Австрија, Естонија, Литванија, Летонија, Унгарија, Италија, Шпанија, Грција, Португалија, Словенија... Сите овие земји имаат ТФР (фертилитет) од околу 1,2 до 1,4 родени деца по жена. Тоа е длабоко под минимумот за проста репродукција од 2,1 родени деца по жена. Значи, има и други фактори, надвор од економските. Многумина велат дека се клучни вредностите, односот спрема децата, кон традициите, кон верата, кон семејството.
ПРЕС24: Честопати кога во Македонија се зборува за многудетни семејства, кога се отвара оваа тема, речиси како по правило на нејзе се гледа со потсмев. Односно да бидеме попрецизни, многумина тоа го сфаќаат како наметнување на некоја политичка агенда?
ЃОРЧЕВ: Не се работи за никаква политичка агенда, туку за опстанок на голем број на општини, на поголем број на градови кои се на пат да исчезнат, за стотици училишта, за одржливост на пензискиот систем, за одржливост на економијата.
Депопулацијата на Галичник, Лазарополе и Мариово е стара вест. Денес имаме депопулација и во руралните општини, и во помалите градови, и во големите општини. Депопулацијата веќе се случува во Битола, Прилеп, Кавадарци, Охрид, Велес, Кочани, Пробиштип, Делчево, Берово, Неготино, Крива Паланка и повеќе други градови, а од скопските општини тоа се Центар, Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
Во 1999 година имало 256.000 ученици во 8 генерации во основното образование со 14.000 наставници, а во 2013 година има 192.000 ученици во 9 генерации со 17.000 наставници. Бројот на учениците рапидно паѓа, а бројот на наставниците се зголемува. Значи, во само 14 години бројот на основци се намалил за дури 64.000 деца, односно цели 3.200 паралелки. Дури 3.200 училници останале без деца.
Поради стареењето на населението, на секој 1 пензионер има 1,7 вработени, а минималниот оптимум треба да биде 3 вработени на 1 пензионер, а таков проблем имаат и многу земји во Европа.
Следниве 30 години населението на Македонија поради намалениот наталитет ќе се намали за цели 300.000 луѓе. Тоа е големо, големо и стратешко прашање за Македонија. Загубите во Втората светска војна биле околу 24.000 луѓе, во земјотресот во Скопје околу 2.000, во 2001-та околу 100 луѓе, а поради нискиот наталитет и демографската рецесија ќе загубиме повеќе од 300.000 луѓе. Тоа зборува за размерите на демографската рецесија и важноста на темата.
Не треба да се смееме, туку крајно сериозно да пристапиме затоа што бројките и последиците се прилично неповолни.
ПРЕС24: Во тој контекст беше и дебатата околу абортусот. Се сеќавате. Но, јас сакам да Ве прашам како го коментирате заклучокот на Европскиот Парламент, со кој се прецизира дека аботусот не е основно човеково право?
ЃОРЧЕВ: Европскиот парламент е пресек на различните погледи во ЕУ, а за ова прашање има различни погледи во самите земји во ЕУ. Некои земји имаат полиберален став како Холандија или Данска, а некои земји имаат став како Полска, Ирска, Малта или Италија. ЕУ е место на различности, така што суверените земји одлучуваат за ниниот пристап кон ова прашање.
ПРЕС24: Велат Влатко Ѓорчев е единствениот политичар кој преку својот пример и пркоси на лошата демографска состојба во Македонија. Ќе продолжи да расте семејството Ѓорчеви?
ЃОРЧЕВ: Да, сопругата и јас би сакале за 1 – 2 години да имаме 4-то дете. Летово се роди нашето трето дете и можам да ви кажам дека нема поголема радост и среќа.
Инаку, вицепремиерот Пешевски одамна има 3 деца, исто како и пратеничката Сузана Анова. Пратеникот Роемео Тренов пролетва доби трето дете, а за 1 – 2 месеци пратеничката Косана Мазнева по трет пат ќе стане мајка. Значи, во политиката има повеќе луѓе кои имаат повеќедетни семејства.
ПРЕС24: Како партија од десницата, не се откажувате од промовирањето на традиоцналните вредности?
ЃОРЧЕВ: Нашиот народ е приврзан за традиционалните вредности. Тоа не е прашање за левицата или десницата, туку однос кон минатото, поглед кон бракот и семејството, однос кон вредностите на нашите баби и дедовци.
Во науката и технологијата модернизмот е потребен и неопходен, но во делот на вредностите треба да се остане приврзан кон традиционалните вредности затоа што тие вредности се безвременски и универзални. Модернизмот и традиционалните вредности не се спротиставени, туку се комплементарни, се надополнуваат. Традиционалните вредности се неопходен коректив од автодеструктивноста и атомизирањето на човекот.
ПРЕС24: Зошто сметавте дека уставното дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена е неопходно во Македонија?
ЃОРЧЕВ: Огромното мнозинство на граѓани на Македонија сметаат дека бракот е заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена. Со вметнувањето во Уставот, потешко ќе можеше да се смени таа традиционална дефиниција.
Факт е дека бракот како институција е соочен со обидите за негова деинституционализација, маргинализација, релативизација и редефинирање. Со промените во Уставот ќе се дадеше јасна поддршка на бракот и семејните вредности. Без измените, некое идно мнозинство на СДСМ со само 42 пратеници ќе може да ја смени традиционалната дефиниција на бракот. Нивното гласање против уставните исмени во делот на бракот и посвојувањето е јасен доказ за тоа.
ПРЕС24: Што станува со поплаките на ЛГТБ заедницата во Македонија?
ЃОРЧЕВ: Никој не смее да биде дискриминиран или маргинализиран врз основа припадност, определба или било која друга основа. Насилството е целосно неприфатливо кон било кој поединец. Македонија мора да биде земја на толеранцијата, инклузивност и отвореност. Сите учесници во јавниот простор треба да имаат чувство за сечие достоинство, без стигматизација и говор на омраза.
ПРЕС24: Во последните дваесетина години од независноста на Македонија неколкупати се отвараше прашањето за легализација на проституцијата. Има многу аргументи кои одат во тој правец, дека легалзиацијата ќе значи и бенефит за државата, но и контрола на ово бизнис, кој и сега цвета во Македонија. Сте разлислувале ли за ваква опција?
ЃОРЧЕВ: Негативните последици од легализацијата на проституцијата се далеку поголеми. Дури и земјите кои пред неколку децении ја легализираа проституцијата како Холандија и Амстердам, во последните години носат мерки за нејзино ограничување. Причините се во трговијата со бело робје, трговијата со оружје и луѓе, зголемената зависност од дроги, насилството и растот на сите други видови на криминал кои ги носи легализацијата на проституцијата. Сето тоа доведува до рапиден пораст на сексуално преносливите болести.
Дали Скопје ќе биде подобар град ако има 50 јавни куќи во секое маало, во секоја општина, во близина на училиштата и градинките? Дали би било добро или лошо да се отворат 10 јавни куќи во Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес? Како на нашите ќерки ќе им објасниме дека тоа е професија како секоја друга и дека тоа не треба да биде нивна професија, доколку ја легализираме проституцијата.
Легализацијата на проституцијата ќе значи зголемување на понудата на многу повеќе локации, а тоа ќе значи и поголема побарувачка, што ќе доведе уште повеќе жени да бидат вовлечени во тој деструктивен циклус, во кој најголеми жртви се токму жените.
ПРЕС24: Единствен, условно кажано партнер Ваш, кој постојано е на идентични релации околу овие прашања, наталитетот, абортусот, хомосексуалците, е Македонската Православна Црква. Станува збор за координирана стратегија за дејствување?
ЃОРЧЕВ: Најголем сојузник се граѓаните, затоа што целиот корпус на овие прашања ја дава насоката во какво општество и во каква држава ќе живееме. Самите одлучуваме за нашиот дискурс, со почитување на сите различни погледи и светогледи. Но, факт е дека повеќето од македонските граѓани се приврзани кон традиционалните вредности, кон семејството и кон МПЦ. Ваков позиции имаат и другите верски заедници, затоа што такви се учењата на поголем број на религии кои со векови се присутни во Македонија
ПРЕС24: Многумина препознаваат влијание на власта врз Црквата?
ЃОРЧЕВ: Имаме коректни односи и за некои прашања имаме слични погледи. ВМРО-ДПМНЕ е конзервативна, демохристијанска, народна партија, која во своето дејствување ги промовира своите идеолошки погледи. Тие идеолошки погледи се произлезени од вредностите на македонскиот народ и сите граѓани кои се дел од Република Македонија.
ПРЕС24: Колку Македонската правосалвна црква, па и останатите верски заедници успеваат да ја играат нивната примарна улога, да го градат моралниот и етичкиот карактер на личноста, особено кај младите?
ЃОРЧЕВ: И во Македонија, и во светот младите се иднината на таа држава и тоа општество. МПЦ со векови ја игра својата улога на духовен столб на нашиот народ и тоа ќе продолжи и во иднина. Истото важи и за другите верски заедници. Сепак, потребни се поголеми активности во таа насока затоа што младите се изложени на огромен број на секакви влијанија, некогаш позитивни, некогаш негативни. Децата и младите повеќе треба да ги воспитуваат родителите, бабите и дедовците, наставниците и свештениците, отколку улицата, одредени старлети, телевизорот или одредени негативни содржини на интернет. Ваквите појави не смеат да се потценат, затоа што денешните млади поминуваат многу време пред телевизорот, на интернет и се изложени на секакви влијанија. Затоа, со децата и со младите треба постојано да се разговара, да им се овозможи критичко размислување, да бидат ислушани, да ја препознаат автодеструктивноста и лошите избори, да бидат свои, да се воспитаат исправно и да бидат идната генерација која ќе гради и одржи македонската државност.