Македонските извршители се жалат: Нема работа

 

Извршителите годинава ќе ја заокружат со помалку реализирани предмети, а наплатата, велат, и натаму ќе се намалува. Нивниот број се редуцира зашто повеќето не гледаат просперитет во оваа дејност.

Како што велат од Комората на извршители, до крајот на 2013 се очекува и некои извршители да отидат под стечај

- Барањата за наплата растат, но реализацијата се намалува. Во 2006 година бројот на примени барања беше 6.335 од кои се реализираа 43,41 отсто, додека лани, од вкупно 164.055 барања, реализирани се 25,74 проценти, изјави претседателот на Комората Гордан Станковиќ.

Во првите девет месеци од годинава во извршна постапка се наплатени 78,9 милиони евра, а лани 104 милиони евра. - Не можам да кажам дали до крајот на 2013 ќе се достигне или надмине ланската бројка, но во однос на добиените предмети, веројатно е извесно намалување. Во 2012 година беа примени 164.000 предмети, а оваа, до септември, 100.564, посочи Станковиќ

Најчести должници се физичките лица во делот неплатени сметки за струја, греење, вода и телекомуникациски услуги, како и во однос на банките. Има и правници должници, но нивниот процент е многу понизок. Сепак, во обемот на наплата тие доминираат.

- Од вкупно реализираните 78,9 милиони евра годинава,  666 милиони денари се наплатени од државните органи, општините и јавните претпријатија, 3,2 милијарди денари се од правни лица и 1,57 милијарди од физички лица, информира претседателот.

 

Кај граѓаните должници доминираат оние кои не можат, а не оние кои не сакаат да го подмират долгот.

 

Против државните органи барања за наплата покренуваат физички лица, за надоместоци на штети, и често правни лица по пресуди од парнични постапки за исполнување договор, за долгувања... Притоа, може да е вклучено кое било министерство, ЈП Македонија пат и општините. Тие се често тужени поради неисплатени услуги, градежни работи кои ги нарачувале, а не ги подмириле. Како што нагласи Станковиќ, речиси постојано исти општини се должници и се блокирани, а некои редовно си ги исполнуваат обврските.

 

Праксата покажува дека извршувањето против физичките лица најчесто се реализира со блокада на сметка и блокада на плата или со запленување подвижни предмети. Притоа, извршителот одлучува кое средство ќе се преземе, но може да предложи и доверителот, оној што бара услугата, зашто тој ги авансира трошоците за целата постапка.

 

- Најчести средства за извршување во вакви случаи се блокади на платите преку работодавачите или на сметките во банките,... Кога се применува заплена, од домовите на должниците граѓани се зема мебел, клима, возило, бунди или канцелариска опрема и машини од правните лица, рече Станковиќ.

 

Ова средство на наплата, додаде, не дава добар резултат зашто граѓаните дома многу ретко имаат/чуваат движни предмети со голема вредност, а и самото извршување создава трошоци што ја отежнува наплатата.

 

Во вакви случаи е многу важно, ако некој граѓанини издава стан, соба, куќа под кирија, во договорот да наведе што точно остава на располагање зашто е можно токму потстанарот да е должник, па ако од него се наплатува, на газдата ќе му бидат одземени одредени вредни предмети.

 

Извршителите велат дека при реализацијата на предметите имаат големи трошоци. Во еден од нив, извршителот требало да плати 10.000 евра само за ангажирање полицајци.

 

Во Македонија моментно работат 97 извршители. Од 2006 година досега најголемата сума што ја наплатиле била 9,5 милиони евра. Најголем број предмети, пак, се во вредност до 1.000 евра.

 

Според извршителите, застарени сметки, и по 10 години, може да им доспеат за наплата на граѓаните. - Согласно Законот за облигациски односи може да се бара присилна наплата. По почетокот на присилната наплата, настапува прекин на застарувањето и во таков случај застарување нема и извршната постапка да трае 100 години. Оттука, застареноста треба да се цени за поведување извршна постапка од денот на правослиноста на извршната исправа до моментот на приемнитот печат во канцеларијата на извршителот или судот, објасни Станковиќ.

 

Некои предмети од ЕВН се примени во судот пред повеќе години, но сега се префрлени кај извршителите и веќе не се застарени зашто имаат приемен печат од судот.

28.10.2013 - 11:33
Фото: 
Дневник

најчитано сега