Спасов: Бесплатно лиценцирање на воспитувачките и негувателките
Вработени во градинките и директорите на установите за деца да не се грижат околу лиценцирањето на стручните лица вклучени во системот на згрижување, воспитување и образование на децата од предучилишна возраст, порача денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Според Спасов, за спроведување на процесот е формирана посебна Комисија која изработува сеопфатна програма. При изработката на програмата, објасни министерот, се користи обемна литература, од која ќе произлезат едноставни прашања и брошура која ќе им помогне на вработените во градинките полесно да го совладаат материјалот врз кој ќе се проверуваат стручните знаења.
- Лиценцирањето за вработените воспитувачки и негувателки ќе биде бесплатно, тие нема да плаќаат за издавање лиценца. Од Комисијата барав да се врши и регионално полагање на испитите. Полагањето за добивање лиценца ќе се спроведува и во Охрид со цел вработените да имаат што помалку трошоци, да не одат до Скопје за да го полгааат стручниот испит, рече Спасов.
Процесот на лиценцирање ќе се реализира во сесии и по региони, најдоцна до јули 2014 година.
- Процесот треба да заврши кон крајот на јули идната година. Има доволно време за сите вработени да го поминат, да го совладаат материјалот, кој дополнително ќе биде објавен. Прашањата ќе бидат објавени со материјал кој вработените ќе треба да го совладаат. Доколку има одредени проблеми ќе помагаме да се надминат за да се лиценцираат сите вработени во градинките и воопшто да не се грижат, објасни Спасов.
Министерот информираше дека оние кандидати кои нема да го положат испитот, нема да имаат право да се занимаваат со згрижување на деца.
- Процесот на лиценцирање е проверка и котрола на знаењето и познавањето на основите за згрижување деца. Се проверува дали некоја вработена или што треба да биде вработена во градинките е осудувана за семејно насилство, насилство врз дете,... Затоа, при процесот се води сметка за се, рече ресорниот министер.
Според директорката на детската градинка „Јасна Ристеска“ од Охрид, Розе Костеска проверката на стручното знаење и лиценцирањето нема да биде товар за вработените во установата.
- Нема простор за паника, станува збор за искусни луѓе кои веќе работаат со деца, ја познаваат воспитно образовната работа и теоријата, бидејќи завршиле соодветно образование, нема потреба да се плашат од прашањата, изјави Костеска.