Ексепрт на ОБСЕ ќе ни го чисти Избирачкиот список
За неполн месец експертот на ОБСЕ Џон Арон ќе ја изработи стратегијата за ревизија на прочистениот избирачки список, со една цел на наредните избори да нема забелешки околу него.
Арон попладнево на членовите на работната група за проверка на избирачкиот список им ги презентираше методите и начините за ревизија, преку која ќе се трага по било какви недостатоци и грешки.
12 годишната работа на Арон покажала дека при проверка на избирачките списоци во земјите од светот проблемот се појавува кај починатите лица кои сеуште се на списоците, како и кај лицата кои добиле право на глас но ги нема во системот.
-Ревизијата само го разгледува избирачкиот список, ги детектира проблемите и дава мислење. Таа ги следи постоечките податоци, но не ги ажурира, истакна Џон Арон.
Според претставникот на СДСМ Дамјан Манчевски повеќе внимание треба да се посвети на теренската контрола на избирачкиот список.
-Нема релевантен попис во Македонија, истакна Манчевски.
Илија Илиоски претставник на владејачката ВМРО ДПМНЕ во работната група истакна дека избирачкиот список е прочистен и со него без проблем може да се спроведат избори.
-Тоа што нема попис не е проблем за спроведување на избори и утврдување на нечие избирачко право, истакна Илиоски.
Откако Џон Арон својата стратегија ќе ја достави до работната група за проверка на Избирачкиот список, останува на членовите да одлучат дали ќе ја поддржат или одбијат.