Славески: Ребалансот на Буџетот е доказ дека економската ситуација не е приоритет на оваа влада

Конечно владата предложи ребаланс на Буџетот на Република Македонија за 2020 година, како што разбравме од пресот кој што пред малку се одржа од страна на министерката за финансии Нина Ангеловска, истакна денеска на прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.

-Најпрво да кажеме дека овој ребаланс на буџетот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина. На јавноста и е познато дека ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Кочоска Димитриеска уште во март веднаш откако се увидоа првичните негативни ефекти од здравствената и економска криза предизвикани од корона вирусот предложи или укажа на потребата од прекројување на државната каса. Но, тоа како и многу други наши предлози не беше прифатено. Значи, сегашниот предлог доаѓа со големо задоцнување. Во меѓувреме  владата продолжи со трошењето на буџетски средства како ништо да не се случува, претежно за тековни расходи од кои добар дел беа насочени за предизборен поткуп на гласачите. Значи продолжение на практиката од периодот од јануари – март 2020 година кое како што е познато се реализира буџетски дефицит во износ од 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра што претставуваше 42,6 проценти од вкупниот планиран дефицит за 2020 година, рече Славески.

Според него, ова беа потрошени пари без ниту еден денар да се насочи кон поддршка на претпријатијата засегнати од кризата од кои голем дел престанаа со работа со воведувањето на вонредната состојба во земјава.

-Оттаму не треба да зачудува фрапантната цифра што ја изнесе министерот за финансии Ангеловска од планираните 750 милиони евра буџетски дефицит со овој ребаланс што претставува историски највисоко ниво  на планиран буџетски дефицит во историјата на Република Македонија и со ова како што исто така беше потврдено на новинарско  прашање од страна на министерката јавниот долг на Република Македонија се доближува или ќе се доближи ако се ова се реализира до критичното ниво од 60 проценти од БДП. Ова е нашата првична реакција по повод овој ребаланс на Буџетот, во нормални околности затоа што прекројувањето на државната каса е сериозна работа особено во услови на криза народните избраници во парламентот и од опозицијата и оние кои што ја претставуваат власта односно партиите на власт со денови дебатираат по собраниските комисии и на пленарна седница во македонското собрание предлагаат и дискутираат по амандмани со цел да се добие посоодветен предлог на ребаланс на буџетот, рече Славески.

Вели дека може веднаш да се заклучи оти приходите во буџетот се преоптимистички планирани.

-Имено, кога гледаме и слушаме дека она што ние го укажавме уште на почетокот на март пред да дојде налетот на кризата дека може да дојде до колапс на приходите во буџетот особено даночните приходи. Значи, кога сето ова се случува планирање пад или подреализација или недоволна реализација на приходите во буџетот од само 11, 5 проценти, сметаме дека ова е преоптимистичко и нема шанса да се реализираат приходите со оваа динамика или обем со кој што владата планира, секако тоа може да има одраз и на буџетскиот дефицит. Она што по малку зачудува е што расходите на кои што своевремено кон крајот на минатата година кога беше предложен и донесен буџетот на Република Македонија за 2020 година јавноста реагираше дека беа планирани некаде околу или нешто испод 4 милијарди евра историски највисоко ниво, сега како што слушнавме дополнително овој износ се зголемува и прашање е дали е тоа зголемување оправдано. Факт е дека имаме зголемени трошоци за борба против пандемијата од корона вирусот, здравствени пред се за поддршка на здравствениот сектор, имам секако зголемени расходи за мерките кои што се преземаат за поддршка на претпријатијата но прашање е на оценка дали е тоа вистинскиот обем, рече Славески.

-Кај расходите повторно ќе се оградам во недостиг на подетални информации, она што може да се забележи е речиси останувањето на истиот износ планиран за плати и други надоместоци во текот на 2020 година, што значи дека владата нема намера да прекине договори кои што истекле на лица вработени во предизборието, партиски активисти за кои што се наменети значителни средства. Понатаму зошто толку мало намалување на средствата за плати и други надоместоци кога знаеме дека со владина уредба некои од надоместоците коишто се покрај  платата на државни функционери на државни службеници, вработени во јавната администрација, меѓу коишто се и надоместоци за патни трошоци, дневни трошоци и тн. се сведени речиси на минимум во изминатиов период, вели Славески.

Според него, најмногу зачудува тоа што ставката „стоки и услуги“ се намалува за 1,5 отсто од она што беше предвидено.

Според него, секој ќе ги го постави прашањето „Зошто не се бараат заштеди токму во оваа ставка каде што влегуваат непродуктивни расходи, трошоци, а делумно имаме одговор затоа што сме реагирале на јавни набавки коишто се во тек и се за непродуктивни расходи, за потрошувачка на владата и министерствата.

-Зошто тука не се оди на заштеди, коишто би го намалиле буџетскиот дефицит како што е проектиран близу 7% од БДП, а со тоа и зголемувањето на задолжувањето за финасирањето на тој буџетски дефицит. Понатаму голем број на државни институции на пример во образованието тргнувајќи од предшколското згрижување на деца, градинките, средните училишта, универзитетите таму затоа што активностите се прекинати и ќе останат во догледно време прекинати, а не гледаме дека ќе има некои од вообичаените расходи за стоки и услуги, ова се однесува на другите органи државни институции. Значи овдека е пропуштена можност за да се направат сериозни кратења со цел да се намали буџетскиот дефицит да се намали потребата од задолжување и ние во наредниот период ова будно ќе го следиме. Од она што го слушнавме од пресот беа наведени низа мерки со префиксот Ковид коишто се насочени или намерата е да ја поттикнат потрошувачката  во Република Македонија во периодот којшто следи, затоа што владата тргнува од претпоставка дека на тој начин ќе се одржува во живот добар дел од економијата посебно во оние засегнати сектори, рече Славески.

Славески: Ребалансот на Буџетот е доказ дека економската ситуација не е приоритет на оваа влада

Posted by Press24.mk on Friday, 15 May 2020

15.05.2020 - 18:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега