Здружението на судии изразува загриженост за изјавите со кои се врши притисок врз судиите
Здружението на судии во врска со денешната реакција на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се наведува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
-Припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување. Таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите, посочуваат од Здружението на судии.
Во соопштението се оценува дека обвинувањата кон претседателот на Управниот суд се неосновани и даваат целосна поддршка на колегите од овој суд.
-Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и европскиот просперитет на земјата, наведуваат од Здружението на судии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа