Стојанче Ангелов: Заев е добар, ама Бранко си е Бранко

 

Нарушувањето на поставените принципи во колаицијата од страна на новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев е главната причина за излегувањето на Достоинство до коалицијата Сојуз за Иднината.

- Една од поголемите причини за нашето излегување е и нивната определба за деструктивна опозиција на која ништо не и е добро, дури и она што на очиглед на сите е – добро! “Достоинство во иднина ќе настапува како КОНСТРУКТИВНА ОПОЗИЦИЈА, што едноставно значи дека ќе критикуваме се што сметаме дека е негативно, а ќе го пофалиме секое добро дело за народот и државата. Неможе се што прави ВМРО-ДПМНЕ да не чини, исто како што не е можно за се да е  вевиновен Бранко!, вели за Прес 24, Стојанчо Ангелов, претседател на Достоинство.

Ангелов проценува дека е тешко да се излезе од сенката на Црвенковски, бидејќи како што вели Бранко си е Бранко.  Лидерот на Достоинство, во интервјуто за прес24, негира дека излегувањето од коалицијата е договор со Заев за претседателските избори, како што тоа го оцени власта.

-Не изненадува вербата во ВМРО-ДПМНЕ дека тие имаат ексклузивно право на сите десни гласови, ако знаеме дека постои десен корпус од околу 150.000. гласачи кои никогаш нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ вакво какво што е, вели Ангелов во интервјуто за Прес24.

Учеството на претседателските избори на Достоинство е дефинирано. Можно е и самиот Ангелов да се појави како претседателски кандидат. Самостојноста на политичкото дејствување, Ангелов вели останува и за евентуални предвремени парламентарни избори во исти ден со претседателските.

-Нашиот електорат е стабилен, повеќекратно засилен и има доволно време дополнително да се зајакнеме за освојување барем 5 – 6 пратеника. Сигурни сме дека овој пат ќе имаме и време и моќ да ги убедиме нашите гласачи дека на “терористите“ во Парламентот единствен достоен противник е - “Достоинство“, вели во интервјуто за прес24, Стојанчо Ангело, претседател на Достоинство.

ПРЕС24: По локалните избори најавивте самостојно дејствување на Достоинство. Еве шест месеци подоцна сте надвор од опозицискиот блок на Сојузот за Иднината. Која е всушност причината за разединувањето. Рековте дека сте се разделиле пријателски?

АНГЕЛОВ: Основна причина е промената на курсот и политичката стратегија на СДСМ по лидерската смена и промените во партискиот врв по некои прашања кои се косат со суштествените идеолошки и програмски определби на “Достоинство“. 

ПРЕС24:  Но, владеачката партија во ова Ваше излегување од коалицијата препозна тактички договор со СДСМ. Причината наводно била дил за претседателските избори. Вашиот кандидат да ги одземе гласовите од десницата?

АНГЕЛОВ: “Достоинство“ е десно – ориентирана политичка партија која почисто ги негува конзервативните вредности и попринципиелно ги брани десничарските ставови од ВМРО-ДПМНЕ како партија на десниот центар. Нас не не изненадува загриженоста на ВМРО-ДПМНЕ за делот од нивниот електорат кој е воспитан во духот на историското и легендарно ВМРО, затоашто добар дел од тие гласачи може да се свртат кон нас препознавајќи во нас многу почисто и построго ВМРО. Но, не изненадува вербата во ВМРО-ДПМНЕ дека тие имаат ексклузивно право на сите десни гласови, ако знаеме дека постои десен корпус од околу 150.000. гласачи кои никогаш нема да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ вакво какво што е. 

ПРЕС24:  Вие имате амбиции за Претседател или пак во игра се други личности?

АНГЕЛОВ:  “Достоинство“ сигурно ќе излезе со свој претседателски кандидат. За кого ќе се одлучи раководството ќе објавиме деновиве.

ПРЕС24:  Во каква ситуација би прифатиле претседателска кандидатура?

АНГЕЛОВ:Јас, лично?... Во секоја ситуација штом партијата ќе стои зад мене и штом резултатите од нашите анкети се поволни.

ПРЕС24:  Од денешна дистанца, дали мислите дека Коалицијата со Црвенковски и СДСМ Ви донесе поголем бенефит, бидејќи голем дел од аналитичарите велат дека вашето гласачко тело во таа колаиција препозна непринципиелност?

АНГЕЛОВ: Коалицијата си беше принципиелна до скоро... додека се почитуваа принципите на договореното. Бенефит- ДА! Ни донесе бенефит затоа што сите се уверија во тоа како “Достоинство“ не ги менува своите идеолошки и програмски определби дури и кога е во сојуз со леви партии.

ПРЕС24:  Како гледате на Зоран Заев како лидер на опозицијата? Има ли тој моќ, но и индивидуалност, надвор од сенката на екс лидерот Црвенковски, да оформи здрав и стабилен Сојуз кој би бил пандан на власта?

АНГЕЛОВ: Заев е легитимно избран претседател и како таков го почитувам и него и тие што го избрале. А дали има доволно изразена индивидуалност за да излезе од сенката на Црвенковски... не знам! Ќе видиме. Дека е тешко- тешко е да излезеш од сенката не еден Бранко, оти... Бранко си е – Бранко!  

ПРЕС24:  Вие сте мала партија, но сепак во една коалиција секако дека треба да се цени сечиј став и мислења. Сакам да Ве прашам, ако треба да направите една анализа, како Црвенковски, а како Заев гледа на Вашите ставови, партиски позиции. Знаат ли “големите лидери”, да испочитуваат мислење на “мал” коалиционен партнер?

АНГЕЛОВ: Бранко – знаеше. Тој не се откажа од бранителите и од патриотизмот!

ПРЕС24:  Дали за Достоинство е прифатливо во март, паралелно со претстедателските да има и вонредни парламентарни избори?

АНГЕЛОВ: Да. Нашиот електорат е стабилен, повеќекратно засилен и има доволно време дополнително да се зајакнеме за освојување барем 5 – 6 пратеника. Сигурни сме дека овој пат ќе имаме и време и моќ да ги убедиме нашите гласачи дека на “терористите“ во Парламентот единствен достоен противник е - “Достоинство“. А за било која власт ќе бидеме неприкосновен и строг коректор. 

ПРЕС24:  Голем дел о политичките аналитичари сметаат дека во опозицијата нема концепт како да се победи актуелната власт. Очигледно е дака политиката на убедување за недемократија и диктатура граѓаните не ја прифаќаат. Зошто и по седум години опозиција, граѓаните не можат да препознаат сериозност во политиките на опозицијата?

АНГЕЛОВ:  Затоа и губи неколку изборни циклуси. Една од поголемите причини за нашето излегување е и нивната определба за деструктивна опозиција на која ништо не и е добро, дури и она што на очиглед на сите е – добро! “Достоинство во иднина ќе настапува како КОНСТРУКТИВНА ОПОЗИЦИЈА, што едноставно значи дека ќе критикуваме се што сметаме дека е негативно, а ќе го пофалиме секое добро дело за народот и државата. Неможе се што прави ВМРО-ДПМНЕ да не чини, исто како што не е можно за се да е виновен Бранко!

ПРЕС24:  Имате ли информации што се случува со преговорите за името?

АНГЕЛОВ: Сведоци сме на интензивиран, огромен притисок за промена на името со синхронизирани напади од сите страни, непринципиелни предлози, суптилни па и директни закани, уцени... Треба да се издржи. Мора!

ПРЕС24:  Како Вие гледате на ова прашање? Тоа е едно од прашањата за кои исто така граѓаните не препознаваат конзистентност во ставовите, пред се на СДСМ, но и на другите опозициони партии?

АНГЕЛОВ:  “Достоинство“ има непроменет став: ИМЕТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ МЕНУВА! Не смее да дојде ни до референдум, затоа што оваа генерација македонци нема историско право да решава во име на минатите и идните генерации македонци. Затоа ние велиме: ПРЕКИН на преговорите ВЕДНАШ! Нема што да се разговара врз основа на наметнат парадоксален проблем, нешто што се коси со меѓународното право и Резолуцијата на ОН за независност на народите од 1948 год., каде што е предвидено правото на народите на самоидентификација и самоименување. 

ПРЕС24:  Какви Ви се релациите со Љубчо Георгиевски и со партијата на Љубе Бошковски. Можно ли е некакво окрупнување кај десницата?

АНГЕЛОВ: Минатиот пат први го инициравме окрупнувањето на десницата, но за понатаму решивме: “Достоинство“ ќе настапува – независно!

ПРЕС24:  Изминативе неколку месеци на политичката сцена во Македонија се профилира и трета опција. Алијансата за позитивна Македонија и ГРОМ на Стефчо Јакимовски. Како го оценувате нивното политичко позиционирање?

АНГЕЛОВ:  “Позитивна Македонија“ и “ГРОМ“... делува некако како прогноза за НЕВРЕМЕ!

Шегата настрана, се работи за сериозни политички субјекти, искусни политичари, кои стабилно позиционирани во лево сериозно го ослабуваат и онака заслабнатиот СДСМ. Но, во политиката се е можно... па и негово засилување.

ПРЕС24:  Постојат ли разговори меѓу Достоинство и овие политички субјекти и можна ли е соработка?

АНГЕЛОВ: Веќе рековме, во политиката се е можно.

ПРЕС24:  Меѓу последните акции на МВР беше акцијата шпион, во која паднаа и лица блиски до власта. Имате ли став за ова акација?

 

АНГЕЛОВ: Бидејќи заради спецификата на кривичното дело истрагата и судењето ќе бидат прекриени со велот на тајноста, единствено ни преостанува да веруваме во исправноста на акцијата, во неселективноста при апсењето и праведноста при судењето. Времето ќе покаже се.

20.10.2013 - 14:59

најчитано сега