Бесими: По позитивната оцена од ЕК важно е до декември да има прогрес за спорот со името
Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, истакна дека до декември трба да се направат напори да има напредок во разговорите за името за да може да се валоризира петтиот позитивен Извештај на ЕК за Македонија.
- Добро е што следната недела од страна на медијаторот Метју Нимиц се закажани разговори за прашањето со името во Њујорк. Апелирам тоа да се искористи, бидејќи е важно до декември да има одреден прогрес во разговорите за да може препораката да се ефектуира на Советот на Европската унија. Покрај преговорите во ОН, од корист ќе биде во надминувањето на проблемот да има и поголема вклученост од меѓународната заедница и земјите членки на ЕУ и НАТО кои можат да дадат свој придонес, изјави Бесими одговарајќи на прашање по обраќањето на симулацијата „Модел Европски парламент“.
Бесими истакна дека е добро што нашата земја веќе по петти пат добива позитивна препорака за старт на преговорите.
- Не треба да се откажеме од нашата цел Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО. Исклучително е важно да се искористи моментумот за Македонија да ги реализира реформите, но и за надминувањето на спорот за името со нашиот јужен сосед. Во Извештајот се нагласува дека е важно што поскоро да се најде решение за прашањето со името и се алудира дека Западен Балкан останува во интересот и агендата на Унијата. Затоа е неопходно да создадеме амбиент и клима за надминување на спорот, посочи Бесими.
Документ ќе го претвориме во акциски план со конкретна содржина и задачи за институции и временски рок како во наредниот период да се реализираат реформите што се предвидени, заврши Бесими.