Без задржувања на граничните премини - еве каква е состојбата на патиштата
Доколку патувате некаде ова е моменталната состојба на патиштата низ Македонија.
Од 07.10.2013 започна изведба на градежни работи на патниот правец Велес - Кадрифаково фаза 1: од клучка Велес крај на трета лента (депонија Велес) Лозово, Сарамзалино.
На патниот правец Фурка – Дојран Р-1 105, ЈП „Македонија пат“ – подружница Велес, почнувајќи од 02.10.2013, во период од 10 – 15 дена изведува градежно-асфалтерски работи на коловозот. Сообраќајот се одвива по една коловозна лента и истиот е регулиран со поставена соодветна патна сигнализација.
Од 25.09.2013 е воведена времена измена на режим на сообраќај за време на работа на пат на веќе започнатите интензивни геодетски теренски активности на патниот правец А-1, делница Миладиновци-Куманово (во двата правци), поточно на правецот од клучка Крива Паланка до клучка Куманово, со поставување на соодветна вертикална сигнализација.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Демир Капија-Удово, Кочани-Делчево и Берово-Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Сообраќајот на сите останати државни патишта низ државата се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.