Падна и Чешка: Шеста победа во низа на Хрватска на ракометното ЕП
Хрватската ракометна репрезентација ја совлада Чешка со 22:21 (полувреме 11:9) за шеста победа во низа на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска.
Селекторот Лино Червар попладнево ги одмораше играчите кои досега го понесоа најголемиот товар во натпреварите во Грац и во Виена, па без минутажа против Чесите останаа Мартин Шего, Лука Циндриќ, Игор Карачиќ и Жељко Муса, додека капитенот Домагој Дувњак влезе во второто полувреме колку да изведе седмерец.
Најефикасен во нивно отсуство беше Марко Мамиќ со пет гола, по три додадоа Лука Степанчиќ, Давид Мандиќ и Марино Мариќ, а голманот Матеј Ашанин нанижа десет одбрани. Во поразената селекција се истакнаа Ондреј Здрахала со седум погодоци и голманот Томаш Мрква со 12 интервенции.
Хрватска обезбеди полуфинале на Европското првенство, а во среда од 16 часот во директен дуел со Шпанија ќе решаваат која од двете репрезентации ќе патува во Шведска како првопласирана од групата во Виена.
20.01.2020 - 18:59
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа