Мицкоски: Државата има ново име, но ќе се бориме да ја промениме реалноста

Не можеме да ја игнорираме реалноста, но ќе се бориме да ја промениме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето дали ако победи на изборите ќе биде премиер на Република Македонија.

На прашање дали доколку би победиле ВМРО-ДПМНЕ на изборите, Мицкоски би станал премиер тој вели дека реалноста во Македонија не можеме да ја игнорираме, но ќе се бориме да ја промениме.

-Тоа сум го зборувал многу пати во минатото, можам да го повторам и по стоти пат, но мислам дека би било дволично ако ние зборуваме за нешто што е спротивно на таа реалност. Јас сум професор на Универзитетот што е дел од образовниот систем на оваа држава. За жал резултат на капитулантскиотдоговор што го направи Зоран Заев и денеска таа е реалноста, и јас практично предавам во образовниот систем при Министерството за образование, кое е дел од Владата на државата со новата придавка. Плата земам од Министерството за финансии коешто е дел од Владата на државата со новата придавка.

Ако инсистираме на тоа и се надмудруваме дали ќе биде вака или така, тогаш би бил лажливец да кажам дека нема тоа да биде така, меѓутоа истовремено никој мене на таа маса не може да ми забрани да кажам дека сум Христијан Мицкоски од Македонија, којшто е Македонец и говори македонски јазик- рече Мицкоски.

На прашање зошто досега не се предадени документите кои ги има за Рекет, Мицкоски рече дека се уште чекаат.

-Чекаме како ќе се развива процесот. Досега не сме задоволни, напротив. Мислиме дека има класична злоупотреба и прикривање на вистинскиот инспиратор и сценарист во целиот овој случај, но наскоро, ако гледаме дека овој процес дивергира од реалноста, јавноста ќе биде сведок на тоа што всушност се случувало.

Чекаме од тактички причини. Не чекаме од причини што имаме доверба. Довербата во „Кацарска судството“ и „Русковска обвинителството“ одамна ја загубивме. Ние чекаме да видиме од тактички причини, да видиме до кога ќе се дават во жива кал заедно со нивниот налогодавач затоа што тој е свесен дека тоне во жива кал, но не знам дали тие се свесни дека ги влече со него- рече Мицкоски.

Целото интервју може да го погледнете ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.12.2019 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега