Премиерот Груевски го честита празникот Курбан Бајрам

Премиерот Никола Груевски денеска упати честитка до поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и до верниците од муслиманска вероисповест по повод Курбан Бајрам.

- Хуманизмот и милосрдието меѓу луѓето кои се вековна традиција на овој простор и кои се карактеристика на овој празник, нека продолжат и оваа година. Споделувањето и простувањето помеѓу верниците, нивните роднини, пријатели и сограѓани, без разлика на вера, националност или друга определба, нека и оваа година биде симбол на почитувањето, толеранцијата и разбирањето меѓу луѓето. Тоа се вредности кои од секогаш го краселе нашето општество, вредности кои ги втемелиле нашите предци, вредности кои неуморно сме ги граделе низ годините и кои сигурен сум и во иднина ќе ги негуваме и празнуваме во нашата земја, се вели во честитката на премиерот Груевски.

Во честитката премиерот посочува дека и понатаму треба да продолжиме заеднички да работиме на реформите и на модернизацијата на нашата земја, на подобрувањето на стандардот на граѓаните, унапредување на нашето граѓанско општество, развој на можностите во културата, образованието и останатите општествени сфери, на промоција на добрите вредности и добрата мисла во Македонија.

- Со искрени чувства за уважување на големиот празник, би сакал да Ви посакам убави празнични денови, многу здравје, хуманост, среќа и бериќет, стои во честитката од премиерот.

14.10.2013 - 14:33

најчитано сега