Живее на клупа во Државна болница и бара помош - помогнете му на ова младо момче
Останал без неговите родители, за подоцна да ги загуби и неговите баба и дедо. 22 годишниот Мемиш Гарп од Пробиштип во моментов нема покрив над глава и моли за помош, пренесува Вест.
Ова младо момче пред седум години ги изгубило најблиските и оттогаш нема постојано живеалиште. Веќе три години е на клупа во Државната болница во Скопје.
Гарп е лесно да го препознаете. Лицето му е помодрено, носи изветвени панталони и блуза, кои ноќе ги користи како ќебе. Јаде само толку колку што ќе му дадат од околните продавниците и кафеани.
-Сега клупата е мојот дом. Прво останав сам на овој свет, а потоа и без покрив над главата. Морав да дојдам во Скопје, оти во Пробиштип имав голем притисок од вујко ми, кој ме избрка од куќата и не ми дава ниту една соба, која законски ми следува од моите родители. Меѓутоа јас немам пари за да докажам дека сум законски наследник. Ме малтретираа на секаков начин и за да се спасам, морав да заминам оттаму. Досега ниту тој ниту некој друг од неговото семејство ме побарал, вели Гарп, пренесува Вест.
Кога ја напуштил родната куќа, Гарп престојувал кај пријатели во Пробиштип, кои, како и вујко му, го чувале додека ја земал пензијата од родителите до 18 години, а потоа морал да замине и откај нив.
-Додека имаа ќар од мене, ме држеа со нив. Јас месечно добивав по 6.000 денари од државата. Парите ги земаа тие, демек да ги трошат за мои потреби, а ме праќаа со десет денари на училиште. И сега сум на улица и сум гладен и смрзнат, но верувајте, ништо подобро не ми беше и додека бев кај нив, вели Гарп за Вест.
Гарп сеуште има надеж во добрите луѓе, па верува дека неговата животна приказна ќе заврши со среќен крај.
-Кога ќе си легнам на клупа и ќе ги затворам очите, сонувам дека утрото ќе ги донесе сите добри луѓе, кои ќе ми помогнат да најдам една соба. Друго е кога се има покрив над главата. Имав среќа да најдам работа како градежник и чувар, и понатаму ќе продолжам сам да се снаоѓам, со Божја помош, моли Гарп.
Телефонскиот број на Гарп, кој му е даден на привремено користење, е 071 221 048. Тој апелира до сите луѓе кои можат да помогнат на каков било начин, да му се јават.
-Ми требаат пари за да може да извадам документи за да поднесам барање за социјален стан. Тоа се некаде околу 6.000 денари. Така ми јавија од Министерството за труд и социјална политика. Без нив, не можам ниту да аплицирам ниту да се надевам на свој дом. Само толку барам, цели Гарп.
Извор: Вест