Спасов: Лиценцирањето на стручните лица ќе ја подобри работата во детските градинки
Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, на денешната прес-конференција истакна дека со помош на новиот закон за заштита на децата за прв пат се воспостави системот на лиценцирање на стручните лица и на директорите на установите за деца вклучени во системот на згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст.
- Со воведувањето на лиценцирањето се очекува да се подобри непосредната работа со децата во детските градинки, а резултатите од оваа мерка ќе ги почувствуваат пред сè децата и родителите коишто ги користат услугите на детските градинки, рече денеска министерот Спасов.
Како што информира министерот, за таа цел била формирана Комисија за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца која што отпочна со работа и досега ги изготви Програмата за работа на Комисијата, Кодексот на однесување на стручните лица во системот на згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и лица заинтересирани да се вклучат во системот, Пријавите за обуки и барањето за проверка на стручните знаења.
- Процесот на лиценцирање ќе се реализира во сесии и по региони согласно со бројот на пријавени кандидати. Постојниот вработен кадар во установите за деца -детските градинки може да се стекне со лиценца во рок од една година од формирањето на комисијата, односно до 31.7.2014 година, нагласи Спасов.
Со лиценцирањето ќе биде опфатен и раководниот кадар, односно директорите на установите за деца и планирано е обуката за директори да содржи четири модули: финансиско работење, раководење со човечки ресурси, педагошка работа и евиденција и законска регулатива. Обуката ќе се реализира во октомври и ноември месец годинава.
- Пријавување за проверка на стручните знаења за добивање на лиценца за останатиот кадар во детските градинки ќе започне идниот месец, во ноември 2013 година и тоа во три региони Скопје, Штип и Охрид, со цел реализацијата на проверката на стручните знаења и самииот процес на лиценцирање да биде подостапен односно стручните лица да имаат што е можно помалку трошоци, рече тој.
Процесот на лиценцирање треба да го поминат 56 стручни работници, 42 стручни соработници, 846 воспитувачи и 1187 негователи во установи за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст и 56 директори на установи, како и други лица кои се заинтересирани да се стекнат со лиценца за работа.
- Очекуваме по завршување на процесот на лиценцирање услугите коишто ги даваат установите за деца- детски градинки да бидат поусовршени, да се збогатат знаењата на стручниот кадар со примена на нови методи, знаења и вештини и стекнатите знаења да ги применуваат во секојдневната работа. Наша најголема одговорност е правилното згрижување и воспитување на децата, рече Спасов.