Линкевичиус: Македонија направи голем напредок за да го реши спорот со името
Министерот за надворешни работи на Литванија Линас кој веќе оствари средба со шефот на македонската држава, Ѓорѓе Иванов и претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, во интервју за Канал 5 вели дека Македонија направила голем напредок за да го реши спорот со името.
- Еден од нашите приоритети е отворена Европа, но и доверлива и се поголема Европа. Треба да ги продолжиме контактите со сите земји што сакаат да се приклучат во Европската Унија. Вашата земја е една од нив и јас сум тука за да покажам солидарност и поддршка и за да го поздравам постигнатиот напредок досега. Јас се надевам дека извештајот ќе биде позитивен. Таа препорака ќе биде петта по ред, но важна е. Не знам колку пати сме повториле, но подобро е да се потсетиме. Затоа, ќе продолжиме така, вели Линкевичиус за Канал 5.
Исто така, литванскиот министер за надворешни работи ветува дека ќе направи се што е во негова можност за да ги приближи Скопје и Атина до решение, а за таа цел се информирал за ситуацијата и од медијаторот Нимиц.
- Лесно е да се каже, тешко да се направи, но сепак мора да се постигне таков договор. Верувам дека е можно. Го поздравувам вклучувањето на генералниот секретар на ОН и неговата изјава, Бан Ки Мун, кој исто така сака да помогне. Сите би сакале да видиме напредок. Ако напреднете со ова прашање, веројатно тоа би ги отстранило поголемиот дел од пречките на вашиот долг пат не само до европската, туку и до евро-атлантската интеграција, додава Линкевичиус.
Ние, како Литванци, не само како претседателство, би сакале целиот Балкан да биде дел од евро-атлантското семејство, а тоа не е важно само за вас, туку и за Европа. Кој би го порекнал тоа? Но, би повторил, кој би можел наместо вас да ги изврши реформите? Треба да разберете и дека ве чека долг пат и не треба да ја изгубите мотивацијата. Знам, понекогаш е тешко, трае долго, повторувате циклуси на дијалог за влез во НАТО и имплементација на Акцискиот план за членство, додава Линкевичиус во интервјуто за Канал 5.