Ставревски: Буџетот за 2013 ќе обезбеди економски раст и редовни плати и пензии

 

Денеска македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставревски го објасни предложениот ребаланс на Буџетот за 2013 година.

- Од почетокот на годината до крајот на септември реализирани се приходи во буџетот од 103.018 милиони денари, а на расходната страна 118.861 милиони денари. Обезбедена е редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци, зголемени капитални инвестиции, зголемени субвенции...Дефицитот е 3,2 проценти од БДП или 15.843 милиони денари, истакна Ставревски.

Според министерот, економската политика во изминатите девет месеци од годинава се одвивала во позитивна динамика и овозможила економијата да оствари позитивни резултати.

- Македонската економија во 2013 година оствари резултати кои се подобри од она што беа очекувањата. Резултатите на македонската економија во првите девет месеци од 2013 година се подобри од повеќето земји во ЕУ, можеме да бидеме задоволни бидејќи не само што ја задржавме макроекономската стабилност, туку имаме и солидни резултати во сите главни макроекономски параметри, вклучително растот на економијата, странските инвестиции, извозот, вработеноста, невработеноста и се она што е значајно за економската состојба во државата, истакна Ставрески.

Министерот истакна дека просечниот раст во првите шест месеци е 3,4 проценти, што е четврто најдобро остварување во Европа: -Само Латвија, Турција и Исланд имаат подобар раст од Македонија во првите шест месеци од годинава. Значи, ова остварување покажа дека политиките кои го поддржуваат овој економски раст се правилно поставени. Во основа сите оние мерки и активности што ги презедовме во изминатите години, како и Буџетот кој го усвои Собранието за 2013 година овозможија да се оствари оваа висока стапка на економски раст имајќи предвид дека во исто време во европската економија во првите шест месеци од 2013 година имаше пад на економијата, истакна министерот.

Посочи дека странските инвестиции во првите седум месеци достигнаа 130 милиони евра и оти се за 41 процент повеќе во однос на минатата година со што се намалила и стапката на невработеност.

Осврнувајќи се на приходната страна рече дека даночните приходи се реализирани на ниво од 57.390 милиони денари, приходите од социјални придонеси се 30.842 милиони денари. Кај неданочните приходи од административни и судски такси се 1.310 милиони денари, капиталните приходи изнесуваат 3.053 милиони денари, кои се од дивидендата од Македонски телеком и од продажба на градежни парцели и општествени станови.

Кај расходите 16.901 милиони денари се за плати, за стоки и услуги 10.794 милиони денари, социјалните трансфери се 55.315 милиони денари.

Со ребалансот превидено е дополнителни средства да добие МОН за лабораториите што дел се веќе во функција, а дел треба да бидат пуштени.

07.10.2013 - 13:07

најчитано сега