Азески-Цоцос: Политиката не смее да ја кочи бизнис соработката меѓу Македонија и Грција
Една милијарда американски долари е економската размена со Република Грција. Јужниот сосед е втор наш партнер и најголем инвеститор. Ние сакаме оваа соработка и натаму да се зајакнува и да се продлабочува. Затоа ги поздравуваме и ги поттикнуваме добрите економски односи меѓу двете економии, истакна денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на средбата со претседателот на Регионалната комора на Пела, Јорданис Цоцос.
Азески и Цоцос на денешната средба ја истакнаа потребата од зајакнување на регионалната институционална и бизнис соработка на компаниите.
- Како економија и бизнис заедница не не засегаат политичките случувања. На идентичен поглед наидовме и кај претставниците на грчките партнери. Сметам дека можеме да соработуваме како добри соседи во многу сектори на економската размена и освојувањето трети пазари, рече Цоцос.
Тој додаде дека има европски проекти кои се однесуваат на двете држави, но извесни пречки не ја дозволуваат нивната реализација. Цоцос истакна дека пречките мора да бидат надминати во корист на двете држави и економии.
На денешната средба, Цоцос го информираше Азески дека регионот Пела е најголем производител на овошје и зеленчук, со големи капацитети во преработувачката индустрија.
- Во овој дел од Грција, како производството на овошје и зеленчук и развојот на преработувачките капацитети, се повеќе се развива и металната индустрија, а компаниите бараат и нови пазари. Европа не смее да биде единствената алтернатива, истакна Цоцос.
Азески и Цоцос се согласија дека развојот на индустријата е од посебна важност, како клучна гранка на стопанскиот скетор и поттикнувач на економскиот развој.
Азески истакна дека македонската Стопанска комора, десетина години се залага тоа да биде приоритет.
- Мораме да ги убедиме нашите влади да се вратат кон поттикнување на развојот на индустриското производство. Ние сме мала земја и нашето економско опстојување мора да се потпре и на извозот и на индустријата, констатираа Азески и Цоцос.