МЗТ ја прегази Олимпија
Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром на убедлив начин со 79:60 стигна до победата против словенечкиот претставник Унион Олимпија.
Во натпреварот со кој беше отворена новата сезона во регионалната АБА лига, вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ пред околу 4.000 гледачи избраниците на тренерот Влада Вукоичиќ беа подобри во текот на целиот меч и неочекувано лесно ги запишаа првите два бода.
„Металците“ ги добија првите три четвртини со 20:13; 19:15 и 22:13, а само последниот период им припадна на гостите од Љубљана (18:19) кои беа предводени од поранешниот тренер на МЗТ, Алеш Пипан.
Дамјан Стојановски и Тодор Гечевски реализираа по 16 поени, а двоцифрен број кошеви во домашниот состав запишаа и Стефан Синовец 13, како и Кејд дејвис 12.
Во тимот на Олимпија најефикасен беше Сасу Салин со 13 поени.
На прес-конференцијата по натпреварот од таборот на македонскиот првак, одбраната беше посочена како клучен елемент за победата.
- Покажавме голема желба за успешен старт и тоа даде резултат. Освоените топки ни овозможуваа лесни поени од контра. Успеавме да ја запреме Олимпија во нападот и направивме добра разлика кој не ни беше тешко да ја задржиме до крај, истакна тренерот Вукоичиќ.
Блескавата игра и убедливата победа го натераа Пипан да го признае поразот. Тој се пожали на недоволно време за одмор на неговите кошаркари поради финалето од Словенечкиот куп, но потенцира дека МЗТ заслужено победи и им честита на домашните кошаркари.
Утре се играат четири дуели од 1.коло: Цибона – Раднички, Широки – Црвена Звезда, Крка – Будуќност и Задар – Солнок.
Првиот круг ќе биде комплетиран в недела со средбите Партизан – Игокеа и Мега Визура – Цедевита