Пешевски: Се зголемува конкурентноста на македонското земјоделство
Денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски ги посети подрачните единици на Министерството за земјоделство и Агенцијата за развој и поддршка на земјоделството.
- Земјоделството е еден од клучните сектори што ги поддржуваме како Влада. Тоа е сектор каде што на глобално ниво конкуренцијата се зголемува и затоа државните субвенции меѓудругото се и за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство, изјави Пешевски при посетата.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Пешевски најави и дека Владата ќе го разгледа прашањето за подобрување на условите за работа во овие единици.
- Голем број на сугестии беа дадени за подобрување на системите во делот на аплицирање за субвенции и за полесно доделување на државното земјоделско земјиште за закуп на заинтересирани лица, но и подобрување на условите за работа во самата подрачна единица. Сепак, местото каде што земјоделците имаат контакт со државата и ја добиваат државната помош е подрачната единица каде што условите би требало и може да бидат подобри, истакна Пешевски.
Пешевски рече дека земјодлеството во последните години е мошне ценето.
- После многу децении каде што земјоделците беа ставени на маргините на општеството, за прв пат се ставаат да бидат нешто што е најцененето бидејќи земјоделството е една од најтешките работи. Земјоделството е сектор каде што на глобално ниво конкуренцијата се зголемува и државните субвенции се меѓу другото и за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделството. Има простор за подобрување, но ние за прв пат минатата година кажавме дека програмата за финансиската поддршка на земјодлеството ќе биде за период од пет години и најавивме дека постепено ќе ги подигнуваме критериумите, односно субвенциите ќе бидат се повеќе врзани и ќе се зголемуваат во секторите за поголеми приноси и за квалитет на земјоделските производи, нагласи Пешевски.
Според него, конкурентноста на македонските производи е добра, но доколку не се преземаат чекори во таа насока таа ќе заостанува.
- Ќе биде потребно користење современи агротехнички мерки, наводнување на земјиштето, користење на сертифициран семенски материјал и семиња, во процедури кои ќе бидат пропишувани од страна и на Агенцијата за поддршка и развој на земјодлеството и на стручните служби на министерствата, изјави Пешевски при денешната работна посета на Куманово.