Законот за лекови и медицински помагала помина во прво читање
Денеска во рамки на продолжението на 72 седница пратениците во Собранието расправаа за измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала.
На денешната седница министерот за здравство Никола Тодоров рече дека меѓу најкрупната измена е воведувањето паралелен увоз на лекови и медицински помагала од Турција и Русија: - Паралелен увоз е кога еден лек, кој е веќе регистриран во Македонија и го произведува една компанија. На пример лек на „Баер“ наместо да се купи од Македонија да се купи од Грција, Турција, Холандија и Германија. Значи истиот тој лек со истото име, со истата активна супстанца да се увезе изјави министерот додавајќи дека се регулира и обврската лекарот и фармацевтот да водат сметка за несаканите дејства на лековите, се предвидува можноста за отворање аптеки во рурални области, како и неможноста да се акумулира маржата на прометот на големо меѓу две веледрогерии.
Пратениците од СДСМ, пак, во расправата најавија дека ќе гласаат воздржано во прво читање, со забелешка дека законот нема европско знаменце. Побараа од предлагачот да образложи зошто Русија и Турција не биле предвидени при претходните измени кога бил воведен паралелен увоз, но и оти немаат сознанија за ефектите од досегашната примена на паралениот увоз на лекови и помагала.
Ивон Величковски од Либерална партија се изјасни дека нема да го поддржи законот ниту во прво читање.
Според Величковски, измените нема да ги даде посакуваните ефекти бидејќи како што вели различен е квалитетот на европскиот производ, отколку во другите земји.
– Стандардизацијата и потребите на тоа поднебје се различни. Зарем нашите стандарди треба да бидат пониски, посочи Величковски.