ОМД: Самарас сеуште стои на идеите за поделба на Македонија

 

 

Обединетата македонска дијаспора ги отфрли оценките на премиерот на Грција, Андонис Самарас, дека  Грција, а не Македонија, е конструктивната страна во спорот со името.

- Иако ОМД мисли дека Македонија не би требало да преговара за своето име, Македонија сепак е повеќе од конструктивна во преговорите со Грција пред Обединетите нации. Вистинските ставови на Самарас ги видовме во 2008 година, на грчката телевизија, каде рече дека Македонија на крајот ќе биде поделена меѓу голема Албанија и голема Бугарија, и поради тоа Грција не мора да работи да го разреши спорот за името што и го наметна на Македонија. Не е конструктивно дополнително да се додава на огнот, со вмешување на Албанија и Бугарија во грчката агенда да и се наметне ново име на Македонија, вели претседателот на ОМД Мето Колоски.

ОМД го повикува грчкиот премиер да престане со обвинувањата и потпалувањето на домашната јавност со спорот за името, и да работи на решавање на спорот.

- Укажуваме на забелешката на високиот надворешно-политички претставник на Европската Унија, Кетрин Ештон неделава во Вашингтон дека балканските лидери треба да се грижат за иднината на регионот. Имајќи ја предвид потребата од стабилност во регионот и од продолжување на процесите за проширување на НАТО и Европската Унија, грчкиот премиер треба да се сретне со македонскиот премиер, нешто што Македонија го бара веќе подолго време, со цел да се разрешат
разликите. ОМД ја повикува американската администрација да ги игнорира коментарите на грчкиот премиер и да постави услови Македонија да биде поканета да се зачлени во НАТО на самитот во Британија во 2014 година, вели Колоски.

Самарас вчера попладне во Вашингтон оствари средба со потпретседателот Џо Бајден, на која главна тема била состојбата на Кипар, каде Бајден ја поздравил иницијативата на Грција и на Турција да се сретнат со преговарачите на двете страни од поделениот остров.

Инаку, поради економската блокада на Владата на САД, веројатно е дека една од причините поради кои Самарас дојде во Вашингтон – големата изложба на византиска уметност во Националната галерија – ќе биде откажана.

 

03.10.2013 - 08:17

најчитано сега