Зоран Ставревски: Во патишта вложуваме 4 пати повеќе од претходната влада

 

Најрано, речиси 4 месеци пред стартот на календарската година, како никогаш досега во историјата на независна Македонија, Владата изготви предлог Буџет и го достави до Пратениците, со цел да имаат време и можности да ги разгледаат сите ставки и навремено да реагираат и токму од тие причини, Вицепремиерот и министер за Финансии, Зоран Ставревски не очекува повторување на минатогодишното сценарио на опзицијата, туку напротив очекува плодна и конструктивна дебата на пратениците.

-Се разбира дека очекувам жестока дискусија. И тоа е добро. Затоа и буџетот се усвојува од страна на Парламентот, бидејќи тоа се средства од сите граѓани на Република Македонија наменети за сите граѓани на Република Македонија.

Сепак тука би истакнал дека плодотворна дискусија за буџетот и режирана амандманска блокада, која се случи минатата година, се две различни работи, вели во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот Зоран Ставревски.

Открива дека Буџетот за 2014 е еден од ретките Буџети со најголем процент на капитални инвестиции.

-Вкупниот износ на капитални инвестиции е 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Нема да најдете држава во Европа што во една година ги зголемува капиталните инвестиции за 20 проценти, вели Ставревски за Прес24, побивајќи ги тезите на опозиционите експерти дека оваа власт не инвестира во инфратсруктурата.

-Во 2005 година капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура изнесувале 2.251 милиони денари, а во 2013 година 8.496 милиони денари, додека во 2014 година се планирани 13.214 милиони денари. Значи ако споредите 2005 година и 2013 година капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, а ако споредбата се направи меѓу 2005 и 2014 година тогаш зборуваме фантастичен раст на капиталните инвестиции во инфраструктурата од 487 отсто, потенцира Министерто за Финансии.

Во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот уверува дека не постои никаков ризик од презадолженост, и децидно потенцира дека оваа Влада не планира и нема да зголеми ниту еден дано.

-Денес државниот долг изнесува 33,6% од БДП, со што Македонија е во групата на умерено задолжени земји и четврта најмалку задолжена земја во Европа. Обврските на државата редовно се сервисираат и во таа насока на почетокот од годината беше исплатена еврообврзницата, како и други обврски по основ на билатерални и мултилатерални договори за заем, вели Ставревски за Прес24.

-Цврсто сме убедени дека политиката на ниски даноци на долг рок ја зголемува конкурентноста на македонските компании, придонесува за развој на приватниот сектор и претприемништвото и е најефикасно средство за борба против сивата економија. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дека Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија, уверува Министерот за финансии.

Ставревски во интервјуто за Прес24, прави анализа и на странските директии инвестиции изминативе седум години, како и нивна споредба со владите на СДСМ, потенцирајќи дека критиките од опозицијата, дека странските компании ја заобиколуваат Македонија се неаргументирани.

-Значи за 6,5 години ВМРО-ДПМНЕ успеа да донесе над 1 милјарда евра повеќе странски инвестиции во однос на тоа што го оствари СДСМ за цели 10 години! Дали некој памти или може да каже која странска инвестиција ја донесе СДСМ во Македонија? Не само што не донесе ниту една, туку ги избркаа Ауди, ИНГ банката од Холандија и уште неколку глобални брендови. А тоа се случи само заради корумпираност и заштита на интересите на лоби групи блиски до СДСМ, вели во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот, Зоран Ставревски.

ПРЕС24: Предлог-буџетот за 2014 година го помина првиот филтер – усвоен од Владата. Следува комисиска, а потоа и општа расправа во Собранието. Очекувате ли жестока расправа и колкави се шансите да се повтори минатогодишното сценарио – огромен број на амандмани, маратонски дискусии, блокада...?

СТАВРЕСКИ: Предлог-буџетот за 2014 година беше доставен до Собранието на 20 септември. Значи оваа година предлог-буџетот е доставен до пратениците најрано од сите буџети досега и тоа не само од сегашната власт туку воопшто. Ова им дава доволно време на пратениците да го разгледаат, како и да достават забелешки доколку имаат, во вид на амандмани. Буџетот е документ со кој се планираат сите активности кои Владата ќе ги реализира идната година. Имајќи ја на ум неговата комплексност и суштественост, се разбира дека очекувам жестока дискусија. И тоа е добро. Затоа и буџетот се усвојува од страна на Парламентот, бидејќи тоа се средства од сите граѓани на Република Македонија наменети за сите граѓани на Република Македонија.

Сепак тука би истакнал дека плодотворна дискусија за буџетот и режирана амандманска блокада, која се случи минатата година, се две различни работи. Минатата година амандманите кои беа доставени од страна на опозицијата не беа во насока на корекции на одредени ставки во буџетот, туку едноставно да помине времето и буџетот да не се донесе во рок. Тоа можеше секој граѓанин да го забележи доколку погледнеше барем половина час пренос од Комисијата за финансирање и буџет на Собранискиот канал. Тоа беа бесцелни повеќечасовни беседи од страна на пратениците на опозицијата за секој од поднесените рекордни 1.026 амандмани. А што беше целта? – Единствено да не се донесе буџетот, односно да не може да се исплати покачувањето на пензиите, субвенциите, да се попречи во реализацијата на одредени капитални инвестиции, да се попречи воопшто во едно нормално функционирање на државата.     

ПРЕС24: Што предвидува Буџетот за 2014 година за граѓаните и стопанството?

СТАВРЕСКИ: Буџетот за 2014 година предвидува раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции. Вкупниот износ на капитални инвестиции е 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Нема да најдете држава во Европа што во една година ги зголемува капиталните инвестиции за 20 проценти. Од вкупните капитални инвестиции, за патната и железничка инфраструктура предвидени се 3,4 милијарди денари, за образование, детска заштита и спортот 2,4 милијарди денари, за опрема и почеток на изградба на Клиниката во Скопје и Општата болница во Штип 1,9 милијарди денари, за енергетска и комунална инфраструктура 1,3 милијарди денари, за израдба на технолошко индустриските развојни зони 505 милиони денари, итн.

Предвидени се средства за пораст на платите почнувајќи од октомвриската плата, за пензиите за 600 денари за секој пензионер почнувајќи од март 2014, 5% зголемување на социјалната помош од март, а субвенциите во земјоделството се проектирани на 140 милиони евра. 

ПРЕС24: Главна забелешка на експертите не е планот за капитални инвестиции во буџетите, туку нивната реализација. Ќе се подобри ли ефектуирањето на планот на капитални инвестиции, работите ли на тоа?

СТАВРЕСКИ: Реализацијата на капиталните расходи во периодот јануари-август во 2013 година е подобрена за 16% во однос на лани. Не велам дека не може подобро и ние се стремиме кон подобро. Бидејќи најголем дел од проектите се во зрела фаза на реализација очекувам зголемување на овој процент. Порано и планираните и реализираните инвестиции беа двојно пониски.

ПРЕС24: Кои се топ 5 проекти во кои ќе инвестира Владата следната година?

СТАВРЕСКИ: Освен средства во буџетот за наредната година за проектите од патната инфраструктура и енергетиката предвидени се средства и во програмата на Агенција за државни патишта, како и во програмите на ЕЛЕМ и МЕПСO. Можеби по значење како најбитни би можеле да ги издвоиме изградбата на автопатот Коридор 10, делницата Демир Капија-Смоквица, изградба на железничкиот Коридор 8 во делот Куманово-Бељаковце, реконструкција на железничката пруга на коридорот 10, изградбата на Националниот гасоводоен систем, изградбата на јавни здравствени установи, на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, канализациони и водоводни мрежи итн...како што гледате не може да се ограничи само на топ 5.

ПРЕС24: Од каде ќе се обезбедат извори за финансирање на Буџетот за 2014 година? Има ли ризици од презадолжување?

СТАВРЕСКИ: Буџетот за 2014 година ќе се финансира од даночните и неданочните приходи, како и од продажбата на државните хартии од вредност и странски заеми. Исто така се финансираат сите европски земји. Што се однесува до вториот дел од прашањето би посочил дека Владата води исклучително претпазлива политика во однос на долгот. Пред почетокот на светската криза, извршивме предвремено раздолжување–од државен долг од 39% од БДП, колку што изнесуваше кога дојдовме на власт, го сведовме на околу 24%. Со предвремената отплата на кредитите, покрај намалување на долгот остваривме и значителни заштеди по основ на камати. Истовремено со оваа постапка го подобривме имиџот на земјата пред меѓународните финансиски инстититуции и кредитори. Со овој потег се ослободи простор во услови на светска финансиска криза, Македонија да има пристап и да обезбеди средства за финансирање од странски извори. Денес државниот долг изнесува 33,6% од БДП, со што Македонија е во групата на умерено задолжени земји и четврта најмалку задолжена земја во Европа. Обврските на државата редовно се сервисираат и во таа насока на почетокот од годината беше исплатена еврообврзницата, како и други обврски по основ на билатерални и мултилатерални договори за заем. Потврда за успешната политика за управувањето со јавните финансии доаѓа и од меѓународните финансиски институции ММФ и Светска банка. Сумарно - не постои ризик од презадолжување.

ПРЕС24:  Дали се планираат промени можеби во даночната политика? Зголемување на даноците за да се наполни буџетот?

СТАВРЕСКИ: Нашата даночна политика која се базира на ниски даноци е добро позната и таа не се менува. Ги намаливме даноците, придонесите и воведовме рамен данок. Од оваа политика не отстапивме ниту во времето кога најсилно се чувствуваа последиците од светската економска криза, а нема ни сега. Додека речиси сите земји од Европа ги зголемија даноците со што на многу полесен начин ја спроведуваа политиката за фискална консолидација, ние успеавме да го задржиме истото ниво на даноци. Наместо да воведува нови даноци, Владата го избра потешкиот начин на консолидација - кратење на неразвојните расходи во буџетот. Цврсто сме убедени дека политиката на ниски даноци на долг рок ја зголемува конкурентноста на македонските компании, придонесува за развој на приватниот сектор и претприемништвото и е најефикасно средство за борба против сивата економија. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дека Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија. 

ПРЕС24: Како оди сервисирањето на ДДВ и обврските кон стопанството?

СТАВРЕСКИ: Како што беше ветено. Заклучно со февруари 2013 целосно се исплатија обврските кон стопанството во износ од 92 милиони евра, од кои 52 милиони евра обврски по основ на поврат на ДДВ и 40 милиони евра за реализирани проекти. Со тоа Македонија е единствена од регионот која се раздолжи кон стопанството. Од тогаш редовно се извршуваат обврските кон стопанството и навремено се врши повратот на ДДВ. Тоа многу помогна во првата половина од оваа година да се оствари раст на БДП и компаниите да имаат подобра ликвидност.

ПРЕС24: До каде е Законот за финансиска дисциплина?

СТАВРЕСКИ: Тој е во финална фаза на подготовка, наскоро ќе биде доставен до Влада, а потоа и до Собранието. Со законот ќе се предвиди во договорите помеѓу приватните фирмите, рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена. Во исклучителни ситуации, доколку постои согласност од двете страни, тој рок може да биде подолг, но не повеќе од 120 дена. Со законот се предвидува на должникот кој паричните обврски не ги исполнил во роковите да му се пресметува и наплаќа казнена камата, согласно законот за облигациони односи. Со овој Закон ќе се подобри дисциплината на плаќања, а со тоа и ликвидноста на фирмите, посебно на малите и средни претпријатија кои најчесто се жртви на неплаќачите. Мора да се заштитат доверителите, и да се прекине со праксата должниците да живеат на товар на доверителите.

ПРЕС24: Кога ќе пристигнат новите 100 милиони евра евтини кредити за стопанството од Европската инвестициска банка за малите и средни претпријатија?

СТАВРЕСКИ: Министерството за финансии и Македонската банка за поддршка веќе ја имаат отпочнато постапката за обезбедување на нови 100 милиони евра и во октомври се очекува финализирање на преговорите и усвојување на кредитот на бордот на ЕИБ. Веќе во ноември фирмите ќе може да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија.

Инаку, ова ќе биде четврта ваква кредитна линија од ЕИБ која Владата преку Македонската банка за поддршка на развојот ја пласира кај малите и срени претпријатија во Македонија. На овој начин Владата увезува свеж капитал по мошне поволни услови со фиксна годишна каматна стапка од 5,5% и со рок на отплата до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства и истиот им го става на располагање на фирмите.

Ефектите од овие кредитни линии се многукратни - од подобрување на ликвидноста до инвестиции во нови технологии и отворање на нови работни места.. Од досегашните кредитни линии во износ од 250 милиони евра искористени се вкупно 222 милиони евра за реализација на 761 проект и отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 милиони евра за нови проекти, со што од претходната линија на располагање остануваат уште 22 милиони евра.

ПРЕС24: Најавивте зголемување на пензиите наредната година. Дали ќе можат пензионерите да очекуваат редовна исплата на пензиите и покачувања?

СТАВРЕСКИ: Откако оваа Влада е на власт исплатата на пензиите оди редовно и истите се исплаќаат најдоцна до 5-ти во месецот. Годинава ги зголемивме пензиите за 5 отсто како што ветивме и следната година ќе ги зголемиме 5 отсто исто така.

Од 2006 наваму пензиите се зголемени за 50 отсто. Така ако просечната пензија во 2006 година изнесувала 7.683 денари, во 2013 таа изнесува 11.565 денари. Уште поголем е растот ако се преви споредба на најниската пензија во 2005 и 2013 година. Најнискиот износ на  пензија во 2006 година изнесуваше 3918,50 денари, а во а во февруари 2013 година изнесува 6.968,00 односно зголемување за 77,8%.

Но грижата на оваа Влада за постарите лица не се сведува само на личниот доход. Во текот на годиниве спроведени се бројни проекти како намалувањето на цената на лековите, бесплатната бања, бесплатниот градски превоз и др.

ПРЕС24: Значително е зголемена и сумата за субвенции во текот на годиниве. Колку може да се очекува да се зголемат субвенциите во наредниот период? 

СТАВРЕСКИ: Земјоделството е еден од носечките сектори на македонското стопанство.  Затоа од 2006 година наваму Владата има исплатено над 630 милиони евра за субвенции за земјоделците. Заклучно со 2016 година субвенциите исплатени на земјоделците ќе надминат една милијарда евра. За споредба во 2006 година во Буџетот на Владата на СДСМ биле планирани само 5 милиони евра субвенции.

ПРЕС24: Како оди реализацијата на проектот „Купи куќа, купи стан“. Кои средства сега се повратни, а кои се неповратни?

СТАВРЕСКИ: Проектот „Купи куќа, купи стан“ влегува во втората година на својата реализација и можам да кажам дека е задоволство што веќе се гледаат ефектите од него – млади семејства кои започнуваат да го градат својот семеен живот во нов дом. Тие се најдобар доказ за мене дека овој проект е успешен.

Што се однесува до средствата кои Владата ги субвенционира за станбен кредит – било да се избере моделот „Рата“ или „Учество“ и без разлика дали станува збор за куќа или стан – тие се неповратни. Така ако изберете да купите стан Владата може да ви плаќа половина од ратата за кредит првите пет години или може да ви плати половина од учеството. На овој начин можете да добиете до 10.000 евра субвенција од Владата. Ако пак изберете да аплицирате за проектот за да купите, изградите или надградите куќа, Владата субвенционира 75 отсто од ратата за кредит првите пет години или 75 отсто од учеството. На овој начин можете да добиете субвенција и до 15.000 евра. Дополнителен бенефит се ниските каматни стапки кои се движат од 4,5 до 5,5 отсто.

Сепак, секој треба сам да си направи сметка и да види кој модел најмногу му одговара. Стекнувањето на сопствен дом е решавање на едно животно прашање и треба да му се пристапи аналитички, но и да се искористи големата помош која ја нуди Владата и тоа на почетокот, кога е најтешко.

ПРЕС24: Главна забелешка на опозицијата е дека не се вложува во инфраструктурата. Според нив, ниското ниво на странски директни инвестиции е резулат на тоа што немаме патишта. Имаат ли основа овие тврдења?

СТАВРЕСКИ: Да зборуваме со аргументи, а тоа се бројките. Кога правам споредби јас секогаш зборувам со бројки. Во 2005 година капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура изнесувале 2.251 милиони денари, а во 2013 година 8.496 милиони денари, додека во 2014 година се планирани 13.214 милиони денари. Значи ако споредите 2005 година и 2013 година капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, а ако споредбата се направи меѓу 2005 и 2014 година тогаш зборуваме фантастичен раст на капиталните инвестиции во инфраструктурата од 487 отсто.

ПРЕС24: А што е со странските инвестиции?

СТАВРЕСКИ: Странските директни инвестиции во периодот 2007-јули 2013 достигнаа 1.812 милиони евра, што е за 1.045 милиони евра повеќе во однос на кумулативниот прилив во 10-годишниот период на владите на СДСМ (767 милиони евра без приватизацијата на ЕСМ). Значи за 6,5 години ВМРО-ДПМНЕ успеа да донесе над 1 милјарда евра повеќе странски инвестиции во однос на тоа што го оствари СДСМ за цели 10 години! 

Оттаму, не би се согласил со тврдењето на СДСМ дека нема странски инвестиции. Впрочем демант за тоа се Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемет електроникс, Протек груп, Технокозе, Ван Хул, Кромберг и Шуберт, Дрексел Мајер, Суташ, Гришко, Џеваир Холдинг и низа други.  

Дали некој памти или може да каже која странска инвестиција ја донесе СДСМ во Македонија? Не само што не донесе ниту една, туку ги избркаа Ауди, ИНГ банката од Холандија и уште неколку глобални брендови. А тоа се случи само заради корумпираност и заштита на интересите на лоби групи блиски до СДСМ. 

Тоа се бројките и фактите. Тоа е и крај на приказната кој бил поуспешен, дали има или нема странски инвестиции, патишта и сл.

02.10.2013 - 10:50

најчитано сега