Субрата Рој: Со години барав ваква земја - Македонија е полна со љубов и почитување

 

Синоќа на плоштадот Македонија започна првиот Сахара Балкански мировен фестивал кој се одржува по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и на Меѓународниот ден против насилството.

За време на манифестацијата свое обраќање имаше индискиот гигант Субрата Рој кој пред два дена пристигна во Скопје. Сопственикот на Сахара групацијата нагласи дека иницијативата за мир почнува токму од тука зашто Македонија е земја на љубов, толеранција и разбирање.

- Оваа идеја зрееше во мене подолго време, но барав град, земја во светот која е полна со љубов и почитување, земја без корупција и тоа го најдов во Македонија, рече Рој пред македонската публика.

Инаку, публиката се забавуваше со перформанс на танчери од студиото на Шајмак Давар од Индија и од Македонија. За вечерва ќе биде одржан добротворен мировен самит. Организаторите најавуваат присуство на педесетина светски лидери-поранешни претседатели, премиери, министри, амбасадори, холивудски ѕвезди и претставници од балканските земји. Меѓу говорниците ќе биде и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Организирана ќе биде и дебата за мирот, а ќе се додели и награда за мир.

02.10.2013 - 09:46
Фото: 
Лидер.мк

најчитано сега