СДСМ: Недемократските политики на ВМРО-ДПМНЕ и нанесоа штета на Македонија
ВМРО ДПМНЕ и понатаму се обидува своите катастрофални политики на изолација и бесперспективност да ги оправда преку барање на виновници и сеење на магла и лаги.
Власта која нема одговор на ниту едно од прашањата кои си ги поставуваат македонските граѓани одбира да лаже за тоа кој навистина го влошува имиџот на Македонија и ги нарушува нашите позиции во спорот со Грција околу нашето уставно име.
Вистината е дека токму неодговорните и недемократски политики на ВМРО ДПМНЕ и нанесуваат непоправлива штета на Македонија.
И нанесува непоправлива штета фактот дека во Македонија секоја година тонат, на сите објективни листи, медиумските слободи. Се затвараат медиуми, се ограничува слободата на изразување. На Македонија и причинува ненадоместлива штета фактот дека судовите носат одлуки по партиска мерка, дека највисоката сиромаштија во Европа е регистрирана овде, токму во Македонија. На Македонија и нанесе ненадоместлива штета дека власта, владата и претседателот на македонското Собрание наредија најдиректно да се крши македонскиот Устав и македонските закони, со исфрлањето и на опозицијата, меѓутоа и на новинарите од законодавниот дом.
Ова се работите коишто постојано ја поткопуваат македонската преговарачка позиција. Ова се работите коишто Македонија секојдневно ја кочат во нејзиниот оправдан пат кон европско членство и членство во НАТО.
Сакаме воедно да ја потсетиме така наречената патриотска партија којшто сите ги обвинува дека недоволно ги бранат позициите на државата, помалку да ја брани државата на зборови, а повеќе на дела.
Токму квази патриотите од ВМРО ДПМНЕ се согласиле нивната партија да биде примена во асоцијација на конзервативни партии - ЕПП, односно, до ВМРО ДПМНЕ да стои најлошата формулација за кратенка која било кога сме ја виделе – ФИРОМ.
За разлика од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ во т.н. Социјалистичката интернационала е дефиниран како Социјалдемократски сојуз на Македонија.
(Интегрален текст од реакција на СДСМ на прес-конференцијата на Влатко Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ)