Јаневски си замина - ништо од понудениот подобар договор од ФФМ
По повод заминувањето на стратегот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски и заминувањето во Белгија на клупата на Монс, денеска со соопштение излезе и фудбалската федерација на Македонија. Оттаму велат дека се изненадени од ваквата одлука на македонскиот стратег, со оглед на тоа што тие му понудиле нов договор и очекувале истиот тој да го прифати. Кај раководството на ФФМ постоела искрена желба и надеж дека соработката со Јаневски ќе продолжи и во иднина, по што му бил понуден и поповолен договор од претходниот. Јаневски сепак од лични причини се реши ангажманот да го продолжи во иден Белгија.
-Како Федерација верувавме во неговите квалитети и желба. Сметаме дека со својот карактер допринесе кон напредокот на нашата репрезентација, особено во подобрувањето на фудбалската игра, мотивираноста на фудбалерите, дисиплината и посветеноста, како и севкупно кон атмосферата во нашиот национален фудбалски тим. И токму затоа очекувавме дека ќе го прифати новиот договор, и дека и во следниот квалификациски циклус ќе биде дел од нашиот тим.
Му посакуваме среќа на Чедомир Јаневски во понатамошната професионална кариера, а ние во федерацијата по овие два последни квалификациски натпревари, ќе имаме доволно време и простор да најдеме квалитетно решение за нов селектор, кој со уште поголем елан, желба и страст ќе придонесува кон развојот на македонскиот фудбал, изјави Петар Милошевски, Директор на репрезентацијата на Македонија.
По консултациите со управниот одбор на ФФМ кои беа направени во најкраток можен рок, за в.д. селектор на македонската фудбалска репрезентација на овие два натпревари ќе биде назначен Зоран Стратев, добро познат фудбалски стратег, кој е дел од професионалниот кадар на федерацијата, и координатор на младите селекции.