Г.Петар: МПЦ во 1945 требаше да бара признавање од друга црква, а не од СПЦ

Доколку МПЦ уште од почетокот, т.е. по Втората светска војна одлучела нејзиниот автокефален статус да го решава со помош на некоја друга православна црква, надвор од Југославија, која би и ракоположила епископи, пр. со Руската или Романската православна црква, тоа би било сигурно успешно решение, зашто тие земји, цркви и народи, не и се соседи на нашата држава и црква и немаат асимилаторски и др. претензии кон МПЦ и Македонија. Преспанско пелагонискиот Митрополит, г.Петар и долги години дел колисијата за разговри со СПЦ, во Интервју за Прес24, вели дека возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на денешната МПЦ, требало да се прави во договор со друи православни цркви, а не со СПЦ, бидејќи кај најголемиот дел од Српските Археиреи не постои никакво расположение во Македонија да биде создадена автокефална православна црква. И ако тогаш бил повлечрн таков чекор, денес состојбата би била поинаква.

- Кај одделни архиереи, во СПЦ, има желба да се признае автокефалноста на МПЦ, но очигледно тие не се ниту мнозинство, ниту пак кај нив постои организирана решителност, да се реши нашето прашање. Всушност, тие, за да има мир во куќата, се повлекуваат, особено сега кога СПЦ ја тресат големи проблеми и скандали, вели Г.Петар, во интервјуто за Прес24, потенцирајќи:

- Едноставно кажано, присутно беше во минатото кај поголем број српски архиереи, а и денес е присутно кај некои, мошне влијателни, архиереи на СПЦ, чувството дека Македонија ја чувствувале и ја чувствуваат, ја посакувале и ја посакуваат, како Јужна Србија и Вардарска Бановина и од оваа опсесија тешко дека ќе се ослободат, вели за Прес24, г. Петар.

Митрополитот Г. Петар смета дека времето покажало дека иницијативата на српскиот претседател, Томислав Николиќ, за враќање на преговарачката маса на двете цркви, била само политичко-маркетниншки трик.

- Уште тогаш, рековме дека пред се, г. Николиќ ќе си направи имиџ во Македонија, и тоа се случи. Се направи собир на Зебрњак, и се донесе за првпат, без одобрение на МПЦ, Архиереј од СПЦ, кој изврши панихида. Србите си ја остварија целта на Зебрњак, а ние останавме затечени, вели Г. Петар во велигденското интервју за Прес24. Тој смета дека ниту аболиција на Врнишковски нема да помогне за решавање на црковното прашање, притоа вели дека не знае како и дали МПЦ ќе реагира на евентуален таков чекор.

- Но, уверен сум дека, ниту тој, ниту СПЦ, односно, творецот на овој проект, имаат желба тој да излезе од затвор, вели за Прес24, Г. Петар.

За него идејата да се бара признавње на автокефалниот статус со сојуз на непризнатите цркви е погубна.

- Со такво едно здружување на непризнатите цркви, не се решава проблемот. Ами напротив, уште повеќе се усложнува, и постои можност ние да го загубиме авторитетот што сме го граделе досега, вели во интервјуто преспоанско-пелагонсикиот Митрополит.

Иако веќе подолго време се шпекулира дека во Синодот на МПЦ-ОА само навидум има едниство, Г. Петар идиректно ги потврдува овие информации, но сепак тврди дека во САС на МПЦ не постои отворен судир.

- Црногорецот го прашале, зошто на прашањето: „како е“, секогаш одговорал: „Добро е“, зашто велел: „Има од лошо, полошо“, па така, не мислам дека ние во Синодот на МПЦ, имаме совршена слога и разбирање, ама се трпиме и поднесуваме, и за суштествените прашања, колку е можно имаме заеднички став и мислење, вели за Прес24, Г.Петар дефинирајќи го начинот на кој функционира Синодт на МПЦ.

Откако МПЦ презеден дел од црковните општини во Австралија под своја јуриздикција, актуелниот администратот на автсрталиско-новозелнадската епархија, вели дека не сака повеќе да зборува за состојбите на тој континент.

- Не прашувајте ме повеќе мене за австралиските состојби и проблеми во тие црковни општини. Не сакам и во иднина да бидам дежурен виновник во Австралија, а понатаму, обраќајте се кај оние, што нив досега ги подржуваа и заштитуваа, и што им велеа не им требале црквите, туку народот - верниците, само не знам кои и какви цркви и верници?, вели за Прес 24, Митрополитот Петар.

Во духот на заедничкиот став на Црквата, Г.Петар за во велигднеската порака до верниците вели:

-Мајките, за да ја спасат, и Црквата, и нацијата, и татковината, доволно е само, тоа што ќе се зачне во нивните утроби, да не биде убиено, туку да биде родено, однегувано, и воспитано во духот на нашата вера, или подарено на оние кои немаат пород. Христос Воскресе! Навистина Воскресе!, вели во велигденското интервју за Прес 24, Митрополитот Г. петар

ПРЕС 24: Ваше Високопреосвештенство. Од црквите и манастирите на МПЦ исчезнува вредно црковно и национално богатство, а засега како никој да не е засегнат од тоа. Има ли Црквата механизам, како да се спречат кражбите?

Г.ПЕТАР: МПЦ, без помош на државните фактори и нституции, тешко може да се справи со грабежот на сакралното - црковно наследство и богатство. Во овој потфат за спасување на ова богатство и наследство треба задолжително да се вклучат и Заводите за заштита на спомениците и Музеите и Управата за заштита на културното наследство. Но, болно оддекна најновото сознание за вклучување во грабежот на тоа богатство и наследство на лица токму од овие институции, па дури и полицајци.

Без донесување најстроги казнени мерки за секој еден што ќе биде фатен како директен учесник или соучесник во грабеж на културно, црковно и сакрално наследство ќе продолжи грабежот. Исто така, треба да се преземат казнени мерки, кон оние лица што го спречуваат повлекувањето на вредните икони и др. сакрални, па и профани предмети од црквите и манастирите, доколку тие не создале соодветни услови за нивна заштита.

ПРЕС 24: Дедо Петар, има ли евиденција во МПЦ-ОА колку од иконите, крстовите и други верски предмети имаат култуурно историска вредност. Има ли МПЦ направено попис на ваквите предмети, каде тие се наоѓаат?

Г.ПЕТАР: Не сум надлежен да говорам во име на целата МПЦ, но затоа ќе се осврнам само на нашата Преспанско-пелагониска православна епархија. Ние ги задолживме парохиските свештеници и архиерејските намесници да направат целокупна евиденција, како на недвижниот, така и на движниот имот, во сите цркви и манастири, во Епархијата. Од нашата евиденција досега некаде од 70-80% е направен таков попис и до крајот на оваа година, се надеваме дека ќе биде направен целосен попис на целокупниот имот и во Епархискиот Управен Одбор, а и во сите цркви и манастири во Епархијата. 

ПРЕС 24: Управата за заштита на културното наследство вели дека единствен начин да се заштити ова културно наследство е заедно со МПЦ вредните икони да се изнесат од црквите и да се складираат. Но таа идеја наидува на отпор кај црковните одбори?

Г.ПЕТАР: Околу ова прашање, должност е како на МПЦ, така и на Државните фактори и институции целосно да се вклучат со сите расположливи средства, но и со сите проверени и докажани, а не сомнителни, кадри. Решение на овој проблем е создавање на депоа, но и на Епархиски црковни музеи, со сите потребни услови, за нивна заштита и презентација.

ПРЕС 24: И овој Велигден, а веројатно уште многу вакви денови, МПЦ ќе ги одбележи со сеуште најголемото прашање, кое се однесува на нејзиниот статус, во православниот свет. Оваа година се појави иницијатива и идеја на српскиот претстедател Томислав Николиќ државите да помогнат во дијалогот. Но, од сетоа тоа досега нема ништо. На кое ниво се разговорите со Српските Архиереи? Имавте ли какви било контакти?

Г.ПЕТАР: Што се однесува до иницијативата на српскиот претседател Николиќ, да помогне во дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ веќе се изјаснивме, уште тогаш, дека пред се, г. Николиќ ќе си направи имиџ во Македонија, и тоа се случи. Се направи собир на Зебрњак, и се донесе за првпат, без одобрение на МПЦ, Архиереј од СПЦ, кој изврши панихида. Србите си ја остварија целта на Зебрњак, а ние останавме затечени.

Ако сега државниот врв на Србија има недоразбирање со Синодот на СПЦ, околу договорот меѓу Косово и Србија, не знам, како можеме да очекуваме, дека ќе помогне во решавањето на недоразбирањата меѓу МПЦ и СПЦ. СПЦ има доволно сериозни проблеми во врска со расколите внатре во себе. Тие расколи СПЦ наместо да ги залечува, таа создава нови, како на пр., оној со „Артемиевата црква“, па со старокалендарците и Матеевците, кои роварат по српските епархии, потоа незалечениот Дионисиев раскол, кој одново се разгоре во Австралија, под управа на грчки старокалендарски епископ, со седиште во манастирот Св. Сава во Канбера, па расколот на Вранишковски, потоа на Црногорската православна црква, згора на тоа и најновите скандали што се случуваат.

СПЦ, само доколку собере сили да го надмине недоразбирањето со МПЦ, за кусо време ќе може да ги надмине сите расколи и поделби, во противно ќе продолжат расколите и поделбите, и тие никогаш ќе немаат крај.

ПРЕС 24: СПЦ, барем како што официјално соопштува, бара како услов, Јован Врнишковски да биде ослободен од затвор. Интересно е што досега неговите бранители, но и тој самиот, не побараа официјално да биде помилуван. Но, јас сакам да Ве прашам, дали МПЦ ќе се противи ако Врнишковски биде амнестиран?

Г.ПЕТАР: Воопшто не не изненадува тоа што, ниту Вранишковски, ниту неговите бранители не побарале официјално негово помилување. Доколку тие тоа би го побарале, тоа значи дека тој ја признава вината, а тој никогаш вината нема да ја признае, бидејќи во тој случај, целото сценарио и целиот тој проект ќе пропадне. Не ми е познато дали МПЦ ќе се обжали, ако тој евентуално биде помилуван, но уверен сум дека, ниту тој, ниту СПЦ, односно, творецот на овој проект, имаат желба тој да излезе од затвор. Освен, доколку неговото излегување од затвор биде исклучиво на штета на МПЦ. Во противно, зошто СПЦ и Србија, ГПЦ и Грција, кои досега имаат финансирано за овој проект неколку милиони евра и дебело ги плаќаат приврзаниците на Вранишковски, не се обидоа бараните средства, околу 200.000 евра, што ги проневерил тој, да ги надоместат на МПЦ, како и оние, околу 18.000 евра, што мене ми ги должи Вранишковски, за изгубениот судски спор, кои треба да легнат на сметката на Фондот за трето дете.

Значи, вака и на СПЦ и на Вранишковски, најмногу им одговара, тој да биде претставен во очите на другите православни цркви како маченик, и покрај тоа што СПЦ ги има примено сите досегашни потребни материјали и финансиски факти и аргументи, за неговите злоупотреби во МПЦ. 

ПРЕС 24: Оваа година СПЦ заедно со државата одбележува 1700 години од Миланскиот едикт. На овој значаен настан за целото христијанство ќе нема претставник од МПЦ. Како го коментирате овој потег на СПЦ?

Г.ПЕТАР: Воопшто не не изненадува тоа што не сме поканети и што нема да присуствуваме на одбележувањето на 1700 годишнината од Миланскиот едикт во Ниш, Србија. За нас е позначајно одбележувањето кај нас, во Македонија и тоа работно, со градби засега на две цркви во оваа година, посветени на св. Цар Константин и царица Елена, во Скопје и Прилеп, а се надеваме дека во текот на оваа година ќе се осветат камен темелници и на др. нови цркви, ним посветени.

ПРЕС 24: Дедо Петар, Вие сте десетина години и повеќе дел од комисијата за разговори со СПЦ. Каков е Вашиот впечаток, дали кај Српските Владици постои воопшто воља да се признае самостојна, автокефална црква во Македонија?

Г.ПЕТАР: Кај одделни архиереи, во СПЦ, има желба да се признае автокефалноста на МПЦ, но очигледно тие не се ниту мнозинство, ниту пак кај нив постои организирана решителност, да се реши нашето прашање. Всушност, тие, за да има мир во куќата, се повлекуваат, особено сега кога СПЦ ја тресат големи проблеми и скандали. Имено, само неколку години по Дионисиевиот раскол, нашето барање да бидеме признаени како автокефална црква, од целото Православие, со нејзин благослов (СПЦ), беше одбиено, а пак нашето возобновување на автокефалноста, беше пречекано на нож и кај СПЦ и кај православните цркви од грчкото јазично подрачје, претставено од СПЦ како раскол. МПЦ пред прогласувањето на автокефалноста, беше неопходно потребно да ги запознае сите православни цркви, дека во 1959 година, СПЦ донесе одлука, со која ја признава самостојноста на МПЦ и дека Уставот на СПЦ не важи за нашата Црква. А, пак, со Уставот на МПЦ, од СПЦ и беше дадено на МПЦ законодавна, уставна и судска власт, а тоа е рамно на автокефалност. Но, СПЦ, за одбивањето на нашето барање, да не претстави пред другите цркви како автокефална, наведе неколку точки, имено:

-         

не сме имале доволно верници како црква, за да добиеме автокефалност, а ние тогаш имавме повеќе од 1.200.000 верници во Република Македонија и околу 300.000 во дијаспората, потоа,

-         

не сме имале доволно архиереи, а се противеше на новоизбраните епископи Методиј и Кирил;

-         

не сме имале доволно монаси,

-         

не сме имале Богословија и Богословски факултет

-         

не сме биле суверена држава, а во една држава не можело да има две цркви, заборавајќи на фактот дека во Србија во времето на цар Душан Силниот, постоела и не била укината Охридската архиепископија, туку Охридскиот архиепископ, дури учествувал на интронизацијата на Пеќскиот архиепископ Јоаникиј II, заедно со Трновскиот патријарх Симеон, да биде Јоаникиј II издигнат на степен Патријарх. Исто така, постоеја и постојат во една држава по две цркви, како во СССР - Руската и Грузиската црква, во Грција - Помесната Критска и Митрополиите во Егејска Македонија и Тракија и островите во Грција, кои се под директна јурисдикција на Вселенскиот патријарх итн.

Замислете каков апсурд. Кој од овие досега споменати услови, што ги бараше СПЦ за МПЦ, ги исполнил Вранишковски, кого го признаваат за легитимен поглавар на т.н. Православна Охридска Архиепископија. Сите погореспоменати услови што ги постави СПЦ, за кусо време се исполнети. А, пак, во времето на единство со СПЦ, преку персоналната унија на Српскиот Патријарх Герман, кој беше Патријарх на двете цркви, Српската и Македонската, и патријарх Српски и Македонски, за што постојат писмени документи, ја попречуваше МПЦ да формира Богословија, па и Богословски факултет, се со цел кадрите од Македонија да ги полнат српските Богословии, особено Призренската. Едноставно кажано, присутно беше во минатото кај поголем број српски архиереи, а и денес е присутно кај некои, мошне влијателни, архиереи на СПЦ, чувството дека Македонија ја чувствувале и ја чувствуваат, ја посакувале и ја посакуваат, како Јужна Србија и Вардарска Бановина и од оваа опсесија тешко дека ќе се ослободат.

ПРЕС 24: Честопати како владици сте критикувани дека немате стратегија, дека недостасува како се нарекува црковно-дипломатска активност. Ако решението неможе да се најде со СПЦ, зошто тогаш не се бара решение на други места?

Г.ПЕТАР: Воопшто не се согласувам со ова прашање и ќе го демантирам со аргументи.

МПЦ се до 1978 година, односно 11 години по возобновувањето на автокефалноста немаше никакви посериозни разговори со СПЦ, односно, српски архиереи во два наврата по разделбата со СПЦ дошле во Скопје, во Македонската архиепископија, да ги обвинат архиереите на МПЦ, заканувајќи им се со расчинување, а пак, со другите православни цркви биле направени средби на ниво на Делегации, само со Романската и Бугарската православна црква. Првите сериозни и зачестени дипломатски средби и разговори со другите помесни православни цркви започнаа по моето поставување за претседател на Одделот за меѓуцрковни односи на МПЦ и тоа, во 1992 година, во Цариград, со Вселенскиот патријарх и со Српскиот патријарх, а веднаш потоа само по неколку седмици во април месец, започнаа разговори на МПЦ и СПЦ во манастирот Калишта, на ниво на Комисии на двете цркви, под претседателство на СПЦ, на Митрополитот Јован Загребско-Љубљански и Италијански и на нашата смиреност на Комисијата на МПЦ. Тогаш се донесе заеднички став на двете Комисии да се отпочне со заедничко богослужење, односно сослужување на клирот на двете цркви, без да се донесе одлука за de jure признавање на МПЦ, како автокефална црква, нешто што веќе впрочем се практикува со клирот на православните цркви, со клирот на Православната црква во Америка. Но, Соборот на СПЦ не го прифати тој став, кој, всушност, го минира епископот Иринеј Буловиќ, кој на средбата во Калишта не беше член на српската Kомисија, туку дојде како натрапник, за подоцна да го обвини и отстрани Митрополитот Јован Загребско-Љубљански и Италијански, дека тоа било негова идеја, иако, зад тој став уште пред тоа се изјаснил и го препорачал блаженоупокоениот српски Патријарх Павле.

Овој заеднички став на двете Комисии, го прифати Синодот на МПЦ, а го отфрли Архиерејскиот собор на СПЦ. Како што, впрочем, обратно се случи со предлог-нишката спогодба, која не ја прифати Синодот на МПЦ, а ја прифати и по секоја цена, сакаше да ја наметне и официјализира Архиерејскиот собор на СПЦ. Потоа следеа посети и дипломатски средби повеќекратно и со Цариградската патријаршија и со Поглаварот на грчката црква, со Александриската црква, Ерусалимската, Антиохиската, Полската, Бугарската, Романската, Албанската, Руската, значи скоро со сите признати автокефални православни цркви. Но, иако скоро сите православни цркви не охрабруваат во нашето настојување да се избориме за автокефалноста, дури и со некои архиереи, од православните цркви отпочнавме да сослужуваме, на што СПЦ категорички реагираше дека ќе ги прекине односите со тие цркви, доколку продолжат да сослужуваат со нас, иако претходно ни беше обратно говорено, дека никој нас не не прифаќа и признава и дека никој со нас не сака да сослужува, а дури еден грчки Митрополит (Августиност), рече, кога ќе служите со некој архиереј од признатите православни цркви, дојдете кај нас и ќе сослужуваме со вас. Што значи, другите православни помесни цркви се принудени и условени од СПЦ, нашето прашање да го решаваме со СПЦ, нешто слично како што не условуваат по прашањето на името на државата, во Обединетите нации и Европската унија, упатувајќи не на разрешување на спорот за името со Грција.  Се разбира, во врска со прашањето на името на државата, нацијата, црквата и идентитетот. Значи, и во двата случаи, се работи за политичко прашање, пред се, името на државата, нацијата и идентитетот, а во тој контекст и на Црквата. Но, МПЦ  веќе и уставно се именува Македонска православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), согласно со титулата на нашиот поглавар, уште од почетокот на обновувањето на Охридската архиепископија 1958 година во лицето на МПЦ.

Доколку МПЦ уште од почетокот, т.е. по Втората светска војна одлучела нејзиниот автокефален статус да го решава со помош на некоја друга православна црква, надвор од Југославија, која би и ракоположила епископи, пр. со Руската или Романската православна црква, тоа би било сигурно успешно решение, зашто тие земји, цркви и народи, не и се соседи на нашата држава и црква и немаат асимилаторски и др. претензии кон МПЦ и Македонија. Па затоа не гледам друго решение, со било која од другите цркви, кои не сакаат да ризикуваат да ги нарушат или целосно да ги прекинат односите со СПЦ. Впрочем, да се преземе таков радикален чекор, од некоја помесна православна црква, потребно е таа црква да има категоричен и одлучен поглавар, а во сегашните констелации на нештата, во прашање се извесни интереси, поточно, што се добива, а што се губи.

ПРЕС 24: Зошто никогаш МПЦ не ја поддржа идејата за создавање блок на непризнати цркви, кои заенички би настапувале за барањата за својата автокефалност?

Г.ПЕТАР: Со такво едно здружување на непризнатите цркви, не се решава проблемот. Ами напротив, уште повеќе се усложнува, и постои можност ние да го загубиме авторитетот што сме го граделе досега. Ние, сепак, кај поголемиот дел на православните цркви, уживаме и углед и достоинство и авторитет, и уверен сум, дека доколку поскоро се надмине нашиот проблем со автокефалниот статус на МПЦ, МПЦ ќе заземе достоинствено место во православното семејство, бидејќи поседуваме огромен и духовен и интелектуален капацитет.

ПРЕС 24: Ваше Високопреосвештенство, какви се состојбите во Синодот на МПЦ. Многумина велат дека во САС на МПЦ владее во моментов само привидно единство и дека за многу прашања како владици имате дијаметрално различни позиции?

Г.ПЕТАР: Црногорецот го прашале, зошто на прашањето: „како е“, секогаш одговорал: „Добро е“, зашто велел: „Има од лошо, полошо“, па така, не мислам дека ние во Синодот на МПЦ, имаме совршена слога и разбирање, ама се трпиме и поднесуваме, и за суштествените прашања, колку е можно имаме заеднички став и мислење. Да се потсетиме дека, дури и меѓу апостолите Христови имало недоразбирања, но ги надминувале. Битно е, дали се придржуваме на Светите Канони во разрешувањето на проблемите и да имаме Христова љубов меѓу нас.

ПРЕС 24:Ги надминавте ли несогласувањата со Митрополитот Тимотеј за Австралија? Каква е сега состојбата таму?

Г.ПЕТАР: Јас веќе направив една канонска визитација, во Австралија, во јануари и февруари оваа година, и ги посетив сите црковни општини и разговарав со сите свештеници и со верниците, по литургиите и другите богослужби, што значи, сум со, и меѓу, воцрковените верници. Секаде одржав, покрај проповедите во храмовите, и предавања на современи црковни теми. Под мое претседателство се одржаа и седници на Епархискиот црковен суд, Епархискиот управен одбор, Намеснички собранија и средби со црковните и манастирските управи. Немаме во богомдаруваната ни Австралиско-новозеландска епархија никакви проблеми, а за црковните општини, кои се под САС на МПЦ, на кои им е координатор или администратор, сеедно, Митрополитот Тимотеј, прашајте го него или Синодот, односно, Поглаварот на МПЦ, до каде се работите таму. Не прашувајте ме повеќе мене за австралиските состојби и проблеми во тие црковни општини. Не сакам и во иднина да бидам дежурен виновник во Австралија, а понатаму, обраќајте се кај оние, што нив досега ги подржуваа и заштитуваа, и што им велеа не им требале црквите, туку народот - верниците, само не знам кои и какви цркви и верници?

 

ПРЕС 24: Дедо Петар, според некои непотврдени информации завршувањето на процесот на денационализација и донесе на Црквата огромни средства. Имате ли прецизна евиденција колкава е вредноста што МПЦ ја доби со денационализацијата?

Г.ПЕТАР: Не знам, и не сум овластен, но и да знам, не сакам јавно да говорам за другите епархии и за МПЦ, а ќе говорам само за Преспанско-пелагониската православна епархија. Кај нас, околу 80% денационализираните црковни имоти се вратени, или е примен надоместок, за оние што не можат, по разни основи, да се вратат. Надоместокот од денационализираниот имот легнува на жиро-сметките на црквите и манасирите, кои се обештетени. Во нашата Епархија не станува збор за некакви баснословни суми на надоместок, за денационализираниот имот. На Епархискиот управен одбор ,за денационализираниот црковен имот е вратено помалку средства, отколку што би требале да вложиме средства за реновирање и повторно враќање во функција на зградите и објектите, кои ни се вратени во исклучително руинирана состојба. Но, и должиме благодарност на актуелната власт, што сепак собра сили да го разреши, еднаш за секогаш, ова прашање.

Надоместокот од денационализацијата за црковните имоти, црквите, манастирите и ЕУО, ќе го трошат исклучиво наменски, т.е. за купување, реновирање, обновување, конзервација, реставрација и градење на цркви, манастири, црковни објекти, икони и иконостаси, фрески итн., но само со претходно доставени проекти и планови и со одобрени тендери од надлежните црковни власти и органи, и од надлежните државни институции за заштита на спомениците на културата.

Некои објекти мошне значајни, а и во добра состојба, не ни се вратени, како што се: зградата на НУ Универзитетска библиотека Св. Климент Охридски во Битола и ОУ Св. Кирил и Методиј во Битола, а нивниот надоместок е многу мал, односно, можеби десет пати помал од реалната вредност.

ПРЕС 24: Општа констатација е дека високиот клир на црквата како да е оттуѓен од верницте. Каков е вашиот коментар на тоа?

Г.ПЕТАР: Не сум овластен да давам мислење за браќата архиереи, но за себе можам одговорно да потврдам дека сум меѓу, и со , верниците во Епархиите со кои управувам. Почесто се движам и пеш низ Битола. Одржувам предавања на современи теми, како на пр., Православната психотерапија, Лекувањето на душата во православната црква, За наталитетот, За абортусите, За бракот, За гревовите на младоста, За Светите Тајни, За грижата за спасението на верниците итн. Предавања не одржувам само во храмовите и во црковните сали и простории, туку и надвор од црквата, во јавни установи и културни заедници во Битола и Прилеп, но и на покана во претпријатието Конфи Ангел во Прилеп, секоја година, на сите вработени, повеќе од 600 души, со давање можност при сите предавања заинтересираните да поставуваат прашања и да добијат соодветни одговори. За Велигденските и Божикните празници, без исклучок, ги посетувам Домот за доенчиња и деца без родители, Домот за деца со посебни потреби, присуствувам и ги поучувам децата од Детската амбасада Меѓаши, во салата на Кристал Палас, во Прилеп, на нивните свечени ручеци, по повод најголемите христијански празници, ги посетувам и старите во старските домови во Битола, особено оние во Сју Рајдер, честитајќи им го поединечно, на секој болен, Велигден и Божик. Одржувам предавања и на децата и возрасните по веронаука итн., но точно е тоа, дека не ги посетувам младите во кафулињата и ноќните локали и оние што се коцкаат и оние што се боцкаат. За ова можете да ми забележите.

ПРЕС 24: Која е Вашата велигденска порака до Верниците?

Г.ПЕТАР: Честитајќи им го најрадосниот и најторжествениот празник, празникот над празниците, Христовото Воскресение - Велигден, апелирам верниците да се чуваат од најтешките и смртоносни, за душата гревови: гордоста, среброљубието, угодувањето на стомакот, блудот, прељубата, омразата, зависта, одмаздата, безволноста за живот, тагата, чедоморството - убиства на децата во утробите на мајките и очајанието како најопасен грев.

Мајките, за да ја спасат, и Црквата, и нацијата, и татковината, доволно е само, тоа што ќе се зачне во нивните утроби, да не биде убиено, туку да биде родено, однегувано, и воспитано во духот на нашата вера, или подарено на оние кои немаат пород. Христос Воскресе! Навистина Воскресе!