Раководителите со поповолна оценка за економската состојба на фирмите
Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите ја оценуваат економската состојба на деловните субјекти во август 2013 година како поповолна во однос на претходниот месец, a како понеповолна во однос на август 2012 година.
Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е понеповолна во однос на претходниот месец. Обемот на производството во август 2013 година е поповолен во однос на претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни, додека очекувањата за бројот на вработените се поповолни.
Во август 2013 година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во август 2013 година се зголемени во споредба со претходниот месец. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во август 2013 година изнесува 60.7% од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во август 2013 година имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 26.8%, недоволната домашна побарувачка со 18.7%, неизвесното економско опкружување со 10.2% и финансиските проблеми со 9.9%.