Милевски пред утрешниот натпревар: Оставете го Вардар на мира!
Тренерот на македонскиот шампион Вардар, Боби Милевски, пред утрешниот реванш натпревар од Купот на Македонија против Металург вели дека најважно во моментов за тимот е да се изолира од постојаните атаци од одредени страни кои служат единствено да се наруши атмосферата меѓу „црвено - црните“.
- Милевски можеби е прочитана приказна, но таа приказна е успешна, приказна која носи титули. За одредени личности таа приказна е неразбирлива затоа што нивната скромна интелигенција не им дозволува да ја разберат. Тоа за нив делува фрустрирачки и болно, посебно кога се во ситуација неизбежно да го прифатат тоа. Сепак, причините треба да ги бараат кај себе а не со понижување на другите, посебно ако се работи за личности кои имаат успеси. Знам дека на многумина им смета Боби Милевски, за да може да ги остварат своите лични цели (финансиски), но тие се најмалку стручни и кадарни да ја оценуваат работата на тренер кој е актуелен шампион на Македонија, и да го омаловажуваат целокупниот труд на фудбалерите во тимот, порачува Милевски преку официјалната веб страна на Вардар.
За моментална состојба во која се наоѓа најтрофејниот македонски фудбалски клуб Милевски вели дека со работа и труд ќе се извлече и ќе тргне напред.
- Најтрофејниот македонски клуб има доволно квалитет, капацитет и сили да се издигне над секоја ситуација, носејќи се самиот соодветно со сите свои проблеми, и повторно да покаже дека е најдоброто во Македонија.
Вардар утре во Охрид ќе ја има улогата на домаќин во реваншот од Купот со Металург којна првиот натпревар победи со 1:0.