Македонија и Чешка ќе работат на интензивирање на економската соработка
Денеска и утре во Прага ќе се одржи Првата сесија на Заедничкиот комитет за билатерална економска соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република.
Целта на Комитетот е да се интензивира бизнис соработката меѓу Македонија и Чешка и да се дефинираат натамошните чекори за промоција на трговијата и инвестициите, јавува МИА.
Македонските и чешите експерти ќе разговараат во рамки на три работни групи. Ќе бидат презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, минералните суровини, транспортот, како и во областа на земјоделството, заштитата на животната средина и туризмот.
На сесијата ќе се зборува и за интензивирање на трговијата и инвестициите на мали и средни претпријатија.
Податоците, пренесува МИА, покажуваат дека размената меѓу двете држави константно бележи зголемување, особено извозот од македонска страна во Чешка. Оценките на двете држави, се дека постојат потенцијални можности од двете страни за зајакнување и зголемување на трговско-економската соработка и во иднина.
ОСобено значење има соработката во енергетскиот сектор, односно обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата и фотоволтаична енергија, како и геотермалните технологии.
Кај двете земји постои посебен интерес за интензивирање на економската соработка во секторот рударство, металната и електро-индустријата, автомобилската, хемиската и прехранбената индустрија и руралниот развој.
Копретседавачите на двете делегации, заменик-министерот за економија Христијан Делев од македонска страна и чешкиот заменик-министер за индустрија и трговија Милан Ховорка, за време на состанокот ќе потпишат Протокол во кој ќе бидат утврдени насоките на идната економска соработка меѓу Македонија и Чешка.
Мешовитиот Комитет е последица на Договорот за економска и индустриска соработка меѓу Македонија и Чешка кој беше потпишан на 10. февруари 2010 година во Прага, во рамки на официјалната посета на македонскиот премиер Никола Груевски.