Мицевски: Со еден амандман бришат сè што е македонско

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во комисиската расправа за нацрт-амандманите за уставните измени што започнува денеска и сметаат дека на тој начин ќе добијат уште една шанса да ги разобличат предлозите на власта со кои, како што велат, се протнуваат работи за кои воопшто не било разговарано претходно. 

Новиот координатор на најголемата опозициска партија Никола Мицевски за „Независен весник“ вели дека подготвиле огромен материјал со забелешки за целиот процес, почнувајќи од фактот што власта не го сопре процесот за уставните измени најдоцна 60 дена по одржувањето на референдумот, чии резултати објавени и во „Службен весник“ јасно укажале оти нема расположение меѓу народот за прифаќање на договорот со Грција.

„За жал, владата на Зоран Заев продолжи да го силува процесот. Имаме еден куп забелешки и на текстот на нацрт-амандманите. Најголемо вознемирување предизвикува амандманот што се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија и тоа секаде во Уставот, што ќе рече дека само со еден нацрт-предлог се брише сè што е македонско“, вели Мицевски за „Независен весник“.

Тој вели дека нему и на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ не им е јасно и од каде сега Охридскиот рамковен договор влегува во Преамбулата на Уставот кога граѓаните воопшто не се изјаснуваа за него на референдумот ниту, пак, низ јавноста провејуваше таква можност. Тоа, велат од партијата, е несериозно однесување од страна на владата која носи стихијни одлуки, а што повлекува и промена и приспособување на стратегијата за тоа како треба да се дејствува.

„Ќе има жестоко разобличување на сите уставни амандмани и за сето она што ѝ се случува на Македонија, а за кое ние како пратеници и како партија реагиравме во изминатиот период“, потенцира Мицевски.

Расправата за нацрт-амандманите што минатата недела ги поднесе Владата започнува денеска во матичната Комисија за уставни прашања. Утре за нив ќе расправа Законодавно-правната комисија. Во рок од 30 дена од поднесувањето на амандманите, тие треба да се најдат на пленарна седница. За утврдување на нивниот текст е потребно апсолутно мнозинство од 61 пратеник.

 

 

 

 

07.11.2018 - 09:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега