Ѓорги Сламков: Заев не е политички предмет
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги разгледува сите јавни набавки во Општина Струмица. Претседателот на антикорупциската комисија, Ѓорги Сламков, во интервјуто за Прес24, вели дека согласно законските процедури ќе се анализра работата на градоначалникот на Стримица, но не открива детали околу предметот што ДКСК, го отвори за Зоран Заев.
- ДКСК работи согласно начелата на уставност и законитост и сите граѓани се еднакви во своите права и обврски, вели Сламков за Прес24, одоговарајќи на критиките дека комисијата е продолжено тело на владеачката партија.
Сламков, вели дека последната Анкета на испитувањето на јавното мислење, според кое 51% од анкетираните сметаат дека најкорумпирани се политичките партии, е тренд кој како перцепција го имаа и граѓаните на земјите од регионото.
-Постои разлика меѓу перцепцијата за некоја појава и присуството на појавата во стварноста. Пообјективна слика за степенот на корупција во одредена област се добива доколку испитаниците одговорат дали тие некогаш биле жртва на корупција, дали им било побарано да платат за нешто што им следи или не им следи, дали платиле за некоја противуслуга од носител на јавна функција. Мислам дека таквиот податок е многу поблиску до реалноста во споредба генералното и апстрактно согледување на односите во општеството, вели Претседателот на антикорупциската комисија во интервјуто за Прес24.
ПРЕСС24: Последното испитување на јавното мислење, кое е спроведено по барање на Државната комисија за спречување на корупцијата, покажува дека граѓаните во политичките партии гледаат како на најкорумпирани организации. Ова е малку парадоксално, обично партиите се организации од кои граѓаните треба да очекуваат решенија на нивните проблеми, меѓу нив и корупцијата. Од каде ваков парадокс? Зошто политичките партии се посочуваат како најкорумпирани?
СЛАМКОВ: Во текот на 2013 година Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со OSCE го спроведува проектот „Промовирање на принципите на доброто владеење во спроведувањето на антикорупциски политики“. Во рамките на проектот, во текот на месец јули беше организирана јавна дебата за резултатите во делот на приватниот сектор. Деновиве се продолжи со првиот сектор утврден до Државната програма, односно со политичкиот сектор при што се организира јавна дебата на која беше презентирана квалитативната анализа, како и истражувањето за корупцијата во политиката врз основа на перцепцијата на граѓаните за нејзината распространетост, спроведено од агенцијата „Рејтинг“.
Резултатите од истражувањето за корупцијата во политиката врз основа на перцепцијата на граѓаните за нејзината распространетост покажаа дека 51,4 % од испитаниците сметаат дека кај политичките партии корупцијата е многу присутна. На некој начин станува збор за една регионална перцепција, имено, според Transparency International: Global corruption barometer 2013 овој процент во Грција изнесува дури 90%, во Србија достигнува 80%, во Босна и Херцеговина 77%, во Бугарија 76%, во Хрватска 72% .
Резултатите од двете истражувања потврдија дека ДКСК уште во 2011 година во Државната програма прецизно ги утврдила проблемите или ризик факторите во Политичкиот сектор. Имено, првите два проблеми дефинирани во овој сектор се однесуваат на политичките партии, нивното финансирање и работење, како во тековни услови така и за време на изборна кампања. Ова значи дека ние продолжување со реализација на дефинираните активности, за кои сметаме дека долгорочно ќе имаат позитивен ефект.
ПРЕСС24: Дали станува збор за погрешна перцепција. На пример да се зборува за корупција во партиите, а притоа таа перцепција на граѓаните да е изградена врз основа инфорамции за корумпираност на политичари?
СЛАМКОВ: Најпрво морам да кажам дека јавната дебата беше одлично посетена и со квалитетна дискусија околу темата. Сепак би требало да спомнам дека имаше дискутанти кои ставија сериозни забелешки околу методологијата на истражувањето за перцепцијата на граѓаните за распространетоста на корупцијата во политиката. Најпрво имаше забелешки околу временската димензија на истражувањето а со тоа и на неговиот квалитет. Имено, истражувањето е спроведено во период од пет дена при што биле контактирани околу 1700 граѓани, од кои испитаници прифатиле да бидат 1080 лица, одговарајќи на повеќе од 20 прашања.
Покрај тоа се забележа уште на една околност, така, со истражувањето со испитува перцепцијата на граѓаните за присуството на корупцијата во политиката но испитаниците не се прашани дали некогаш тие биле жртва на политичка корупција, што секако е еден друг вид на истражување кое суштински допира до проблемот, нешто што во иднина треба да биде опфатено.
Овде би требало да се спомне уште една околност, имено, политичките партии во меѓусебната борба многу често ја користат темата за корупција што сигурно има влијание при создавањето на перцепцијата кај граѓаните.
ДКСК ги зема во предвид како резултатите од истражувањата така и забелешките што беа искажани со единствена цел подобри резултати во работењето и поуспешно реализирање на активностите од Државната програма.
ПРЕСС24: Следни на листата на перцепција за најкорупмирани се традиционално, судството, здравството, медиумите. Иако опшатата перцепција на граѓаните е дека денес има помалку корупција во овие сектори од пред четири години, сепак степенот на корумпираност е се уште висок, токму во секторите каде изминативе години најмногу се работи на реформи. Но јас сакам да Ве прашам, нешто друго. Колку според вас, овие резултати од анкетите се реален судир со потреба од корупција кај граѓаните за да се заврши некоја работа, а колку е тоа само перцепција дека работите во општеството така функционираат?
СЛАМКОВ: Како што веќе спомнав постои разлика меѓу перцепцијата за некоја појава и присуството на појавата во стварноста. Пообјективна слика за степенот на корупција во одредена област се добива доколку испитаниците одговорат дали тие некогаш биле жртва на корупција, дали им било побарано да платат за нешто што им следи или не им следи, дали платиле за некоја противуслуга од носител на јавна функција. Мислам дека таквиот податок е многу поблиску до реалноста во споредба генералното и апстрактно согледување на односите во општеството.
ПРЕСС24: Откако сте на чело на антикорупциска, предметот за Заев е прв поголем предмет и веднаш наидовте на жестоки критики. Има ли политичка одлука во решението да се отвори предмет за Зоран Заев?
СЛАМКОВ: ДКСК постојано ги следи информациите што се изнесуваат во јавноста за коруптивно однесување или судир на интереси на поединци или групи по што донесува одлука за натамошно постапување. Имено, во изминативе неколку месеци ДКСК има отворено околу десет корупциски предмети за настани што оставија белег во јавноста и по нив се постапува.
Во поглед на јавно објавените информации околу спроведени јавни набавки во општина Струмица ние како Државна комисија отворивме предмет и по него се постапува.
ДКСК работи согласно начелата на уставност и законитост и сите граѓани се еднакви во своите права и обврски.
ПРЕСС24: Тој ја нарече комисијата класично партиско тело на ВМРО-ДПМНЕ?
СЛАМКОВ: ДКСК е независно и самостојно тело за спречување на корупцијата кое работи според одредбите на ЗСК, ЗССИ, како и одредбите од ЗЛ, што се однесуваат на Државната комисија. ДКСК постапува во рамките на законските надлежности со еднаков третман на сите граѓани на Република Македонија.
ПРЕСС24: Неспорно е дека блиски роднини на Заев, преку свои фирми добивале тендери од институции кои се под ингеренции на Општина Струмица, тоа впрочем го потврди и самиот Заев. Но, вели дека тоа не е непотизам, се било законски?
СЛАМКОВ: Како што веќе знаете ДКСК отвори предмет по кој се постапува.
ПРЕСС24: Не само во Вашиот мандат, туку речиси во мандатите на сите претседатели досега постоела етикетата дека Антикорупциска е продолжена рака на властите, кои и да се. Реално има ли моќ Комисијата независно да одлучува?
СЛАМКОВ: Видете ДКСК е специјализирано дело за спречување на корупцијата, а токму корупцијата е една од темите на која политичките партии се судираат во нивната борба за власт. Накратко кажано настојуваат да поентираат на оваа тема, односно на проблематиката за спречување на корупцијата што всушност е работата на ДКСК.
Од друга страна ДКСК според своите надлежности „гледа во туѓи дворови“, т.е., дали некој функционер ги пречекорил овластувањата, дали или корупциски предмет, дали дошло до судир на интереси, во наша надлежност е евидентирањето и следењето на имотната состојба на повисоките носители на функции и да не ги бројам останатите овластувања од Закон за спречување на корупција, Закон за спречување на судир на интереси или Закон за лобирање. Ние поведуваме кривични иницијативи, прекршочни постапки, иницијативи за разрешување, изрекуваме јавни опомени.
Значи ова е Државна комисија за спречување на корупција каде се бара одговорност за злоупотреба на јавни овластувања, ова не е, на пример Државна лотарија каде што целта е сите да бидат среќни и весели, значи преку одговорноста на поединци – носители на јавни овластувања (кои што ги злоупотребиле за личен интерес) настојуваме да го заштитиме општиот интерес.
ПРЕСС24: Каква е соработката со државните институции? Колку тие се кооперативни?
СЛАМКОВ: Накратко би кажал дека имаме добри релации со сите институции, со десетина од нив, оние што се најблиску до нашиот предмет на работа имаме потпишано Протокол за соработка, потоа имаме Меморандум за соработка со 21 (дваесетиедна) граѓанска организација, како и Меморандум за соработка со повеќе бизнис организации во Република Македонија.
ПРЕСС24: Санкциите се една од стандардните мерки за спречување на корупција, меѓутоа колку во Македонија се работи на развивање на свеста кај граѓаните. Прво да не нудат самите пари за која било работа, и второ да пријавуваат кога ќе им бидат побарани пари?
СЛАМКОВ: Можам да кажам дека ја допревте суштината на проблемот.
Спречувањето на корупцијата, намалувањето на ова општествено штетна појава може да се постигне само преку системска акција, затоа и цел на ДКСК е детектирање на критичните точки за појава на коруптивно однесување и преземање на активности за нивно елиминирање.
Факт е дека Република Македонија помина низ релативно долг транзициски период кој со себе донесе многу општествено негативни појави: пораст на криминалитет, корупција, распад на системот на вредности, префаќање на пократкиот пат до целта – но не на законскиот и слични појави што деструктивно и разочарувачки влијаат кај граѓаните. Токму овде е потребата за акција – да се работи на свеста на граѓаните, од најмали до најстари да ја сфатат штетата што ја предизвикува корупцијата.
ДКСК настојува преку повеќе активности да ја исполни превентивната цел, така би спомнал дека во моментов работиме на проект за едукација на учениците од основните училишта за штетноста од корупцијата во соработка со МОН, во исто време се работи на развојот на системот “whistleblowers protection” во Република Македонија. Во рамките на своите законски надлежности ДКСК презема активности за едукација на органите надлежни за откривање и гонење на корупцијата и другите видови на криминал, односно обуки, истите ги спроведуваме во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана и Даночната академија на УЈП.
ДКСК постапувајќи по своите законски надлежности особено внимание им посветува на претставките од граѓаните. Граѓаните се наши сојузници во борбата против корупцијата и секоја претставка се испитува до најситен детаљ како би се утврдило дали наводите содржани во неа даваат простор за натамошно постапување.
Општествената акција против корупцијата подразбира превенција но и репресија, и тоа сериозно казнување. Ние можеме да спроведеме безброј превентивни кампањи за јакнење на свеста на граѓаните но сето тоа ќе падне во вода доколку сторител на коруптивно кривично дело биде осуден на условна казна или парична казна или кратка казна затвор. Потребна е конфискација, проширена конфискација, потребно е судење во разумен рок, потребна е брза правда за да граѓаните се уверат дека она што го зборуваме од превентивен аспект не се празни зборови.