Сарачини: Македонија продолжува со реформите во енергетскиот сектор
Денеска министерот за економија, Ваљон Сарачини, во своето излагање на состанокот на министрите за енергетика на Европската унија и на земјите кандидати за членство во Европската унија и земјите од ЕФТА, посочи дека реформите во енергетскиот сектор во Македонија продолжуваат со цел постепено да станеме дел од единствениот пазар на енергија на Европската унија.
Министерот Сарачини ги истакна заложбите на македонската Влада во енергетиката за воведување европски стандарди во овој сектор, преку хармонизирање на националното законодавство со законодавството на ЕУ, имајќи предвид дека енергетиката претставува столб на економијата на земјата за економски развој и социјална стабилност.
- Во оваа насока се уште се прават реформи во енергетскиот сектор и пазарите на електрична енергија и природен гас, со цел постепено да станат дел од единствениот пазар на енергија на ЕУ. Земјите од регионот се обединети во енергетска заедница, каде што заедно соработуваат да создадат стабилна регулаторна и пазарна рамка која ќе привлече инвестиции во енергетскиот сектор со што ќе се обезбеди стабилно и континуирано снабдување со енергија, рече Сарачини.
Исто така, Сарачини истакна и дека Владата става посебен акцент на обезбедување сигурност во снабдувањето преку поголема диверсификација на изворите. Тој посочи дека стратешка цел на Република Македонија е да се поврзе со соседните енергетски системи и системите во регионот.
На состанокот се дискутираше за потребните мерки кои треба да се преземат за да се комплетира внатрешниот пазар на Европската унија, меѓу кои потребата од зајакнување на регулаторните тела и овозможување конкуренција. Учесниците на состанокот дискутираа за интеграција на пазарите на енергија на земјите членки на Европската унија, преку физичко поврзување, односно изградба на потребна инфраструктура и мехнизмите за нејзина поддршка. Дебатата се разви во насока на поставување нови цели за 2030 година, со цел намалување на штетните емисии. Во тој сегмент се разгледуваат можности за утврдување нови цели за учество на обновливите извори на енергија, енергетска ефикасност и други мерки и активности.