Поплави во Тетовско
Најдодената Боговињска река изминатата ноќ поплави подруми во дваесеттина куќи, дворови и поголема површина обработливо земјиште во тетовското село Радиовце.
Од топењето на снеговите на Шар Планина надојдени се водите на реката, но друга причина за поплавите е и поради тоа што коритото на Боговињска река на определни места е многу стеснето, а во дел има и смет. Затоа водите се разлеваат, се подига нејзиното ниво што ги подига и подземните води кои излегуваат и ги поплавуваат подрумите на куќите и другите објекти како и нивите.
- Цела недела се бориме со водите, но од минатата ноќ е критично. Три мотори нон стоп работат и утринава еден ни изгоре па моравме да бараме друг и не знам веќе како да се спасуваме од оваа криза. И другпат ќе дошла реката, но за еден ден до два водата ќе поминела ама сега ова е катастрофа и ниту има намера да помине ниту некој нешто презема, рече Дукадинка Ѓорѓевска чија куќа се наоѓа веднаш до реката.
Жителите се жалат дека поплавата им ја уништила сеидбата како што е кај Цветан Милевски според кого од поплавата му се зафатени еден хектар засадено земјиште со пченка, пченица, а поплавени се и шталата со стоката.
Според градоначалникот на општина Брвеница, Енвер Пајазити, во овој регион и пред 4 години имало поплави од надојдените води на Боговињска река поради што тие во изминатиот период на неколкупати интервенирале со механизација на достапни места.
Тој тврди дека дел од жителите што имаат земјиште покрај реката не дозволуваат механизацијата да го користи поради што се оневозможени целосно да ги отстранат гранките, стеблата и сметот од реката.
Во однос на поплаките на жителите дека слободниот тек на водата го поречува каскада што ја изградил нивен соселанец подолу од критичните места во самото корито, Пајазити вели дека како општина ги презеле законските мерки односно дека комуналниот инспектор веќе доставил решение за отстранување на каскадата од реката на што добил ветување дека штом тоа ќе го овозможат временските прилики сопственикот ќе интервенира и ќе постапи според барањето