„Бизнис климата е подобрена“ - турските компании заинтересирани за инвестиции во Македонија

 

Странските  инвеститори се заинтересирани за инвестирање во Македонија, сметаат бизнисмените од Стопанската комора на Бергама, развиен индустриски и земјоделски регион во Турција.

На денешниот бизнис форум, македонските стопанственици и претставници на 23 турски компании од секторите градежништво, фармација, живинарство, угостителство, производство на маслиново масло и трговија на големо, ги анализираа можностите за соработка  и потенцијалите за инвестирање.

Фикрет Урер, претседател на Стопанската комора на Бергама, смета дека веќе се надминуваат последиците од кризата кои ги стопираа или забавија инвестиците. По стабилизрање на состојбите, турските фирми повторно ќе можат да инвестираа, но, зависно од внатрешните стратегии.  

- Македонските можности за инвестирање за странските инвеститори се многу привлечни. Не станува збор само за инвестирање, туку потребен е и соодветен пазар за инвестицијата што ќе се направи. Ако бизнисмените увидат дека нема никаков проблем со пазарот, тогаш нема никаква причина да не се инвестира тука, истакна Урер.

Урер истакна дека споредено со состојбата од пред 10 години кога бил во Македонија, бизнис климата е подобрена. Тој смета дека заедничките врски и сличната култура ќе ја помогнат соработката меѓу Македонија и Турција.

Извршниот директор на ССК, Митко Алексов, смета дека постојат потенцијали за соработка меѓу Македонија и Турвија во повеќе области: туризмот, земјоделскиот сектор, производството на преработки на храна, градежниот сектор  во делот на изградба на патишта, но  исто така и нискоградба и високоградба,  во сточарството со размена на искуства пред се во живинарството, но исто така и во делот на фармацијата и козметиката.

Според него, неопходно е Македонија да се потруди да го намали трговскиот дефицит и да се искористат потенцијалите за соработка што постојат во повеќе сектори.

Трговската размена меѓу Македонија и Турција изнесува околу 400 милиони долари, од кои на македонскиот извоз на турскиот пазар му припаѓаат 80 милиони долари, а увозот на турски производи 320 милиони долари.

Алексов смета дека треба да се избалансира овој однос меѓу извозот и увозот меѓу Македонија и Турција.

- Сојузот на  стопански комори смета дека  тоа мора да го промениме и затоа инсистираме на средби со турски бизнисмени, како  денешната со Стопанската комора на Бергама, развиен индустриски и земјоделски регион, со кој сметаме дека може да се остварат  конкретни директни соработки не само за македонските компании, туку и за турските, изјави Алексов.

19.09.2013 - 14:22
Фото: 
МИА

најчитано сега