Мицевски: Државните институции се заробени од расипничко управување и раководење

Додека очекуваме неталентираните и потпросечни министри за финансии и информатичко општество и администрација  да почнат со реформите, во Република Македонија постојат закони што не се почитуваат и грубо се прекршуваат од страна на органите на државната управа и јавните институции, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Согласно со член 8, 9 и 13 од Законот за трансформација во редовен работен однос, институциите не смеат да ангажираат лица за извршување на физичка или интелектуална работа врз основа на договор на дело повеќе од 1% од вкупниот број на вработени на крајот од претходната година, односно повеќе од три лица во институциите во кои вкупниот број на вработени е помал од 300 лица, по исклучок од членот 8 од овој Закон, институциите може да ангажираат лица над утврдениот процент и со поголемо времетраење од предвиденото по претходно обезбедена согласност од Министерството за финансии“, истакна Мицевски.

Тој додаде дека граѓаните и даночните обврзници имаат право да дознаат за, како што рече, расипничко управување и раководење со институциите и јавно праша колку лица се ангажирани во институциите со договор за дело; за кој вид  извршување физичка или интелектуална работа се ангажирани и колку надзори се извршени и дали се утврдени неправилности во примената на Закон за трансформација во редовен работен однос.

Мицевски притоа потсети дека со договор за дело може да се ангажираат лица кои ќе извршуваат физичка или интелектуална работа само доколку истата не е предвидена во опис и попис на работните задачи на институцијата.

„Министерството за финансии, кое исто така спротивно на Закон има издадено 417 согласности на незаконски годишни планови за 2018 година, не го интересираат вработувањата во институциите бидејќи функционерите парите за плати и придонеси ги носат од дома! Напротив, согласно со закон и општо познато е дека без согласност од Министерство за финансии, односно без потпис од министерот Драган Тевдовски не може да се реализира ниту едно вработување. Срамно и несериозно е министерот Драган Тевдовски, чуварот на државната каса, до сега да не одговори на конкретно поставените прашања од претходните прес-конференции и воедно да одговори за секое поединечно вработување во институциите, за кое тој лично има издадено согласност, не за профилот на вработените како што одговараат од Министерството, не бараме од министерот Драган Тевдовски да објаснува колку доктори и медицински сестри недостигале во здравството, за државните пари со кои се финансираат вработувањата прашуваме, односно од кој буџет се финансирани вработувањата, дали се планирани и како ќе им обезбеди плата во иднина“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

22.08.2018 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега