Груевски ги повика бизнисмените да покажат поголема општествена одговорност: Богати сте колку што можете да дадете!
Премиерот Никола Груевски денеска ги повика успешните македонски компании да покажат поголема општествена одговорност и да издвојат средства за хуманитарни цели, за поддршка на образованието, уметноста, на талентираните ученици и студенти.
- Во минатото тоа беше силна одлика на повеќето македонски успешни компании. Кризата ја смени таа реалност. Но, се чини дека отидовме во крајност која никогаш не била присутна во Македонија. Во контактите со спортските федерации, клубови, македонските уметници, пејачи, композитори, автори на различни видови уметнички дела, слични категории на лица и институции ми укажуваа дека како никогаш во минатото успешните фирми покажуваат голема незаинтересираност за активности кои влегуваат во таканаречената општествена одговорност или драстично ги имаат скратено средствата, што е на граница на етичките форми на успешниот бизнис. Да се приграби се за себе, а да не се помогне никому околку себе никаде на светот не е каратеристика на успешните луѓе и фирми, рече Груевски обраќајќи се пред бизнис заедницата.
- Ништо не може да понесеме со нас кога ќе заминеме од овој свет. Размислете малку за една стара мудрст која мојот покоен вујко Јордан Мијалков постојано ја кажуваше: „Богат си онолку колку можеш да дадеш“, мислејќи да му помогнеш некому финансиски тогаш кога му е потребно. Вие знаете добро дека таа помош покрај вистинската цел да помогнете некому може да биде и одлична реклама за вашата компанија, рече македонскиот премиер.
Додаде дека во Америка оваа активност е доведена до таква совршеност што поимотните леѓе кои не се општествено одговорни се предмет на презир од околината. - Едноставно до толку дел од културата е воспоставен да не се заборави општествената одговорност, што еден успешен бизнисмен не може да биде почитуван ако не издвојува од својата заработка и не помогне некому за здравствени, образовни, социјални потреби или за спортисти, пејачи уметници, еколошки проекти ..., рече премиерот Груевски.
- Трката по профит е нешто што секоја држава го помага и се гордее со најуспешните. Но, немојте да заборавате на светот околу себе, на хуманоста и на поддршката на талентираните. И во светот и кај нас имаме илјадници кои со таква поддршка успеале и постигнале врвни резултати во животот за себе, за фирмата која им помогнала, за државата, но и за општеството. Ние сакаме капитализам, но не суров туку со човечки лик, рече Груевски.