СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години поттикнуваше криминал и корупција

Забелешките во однос на корупцијата се должат на криминалното  владеење на ВМРО-ДПМНЕ кое допринесе корупцијата да се распространи до невидени размери, тврди Социјалдемократскиот сојуз по прес-конференцијата на Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека власта се обидува да го прикрие лошиот извештај од ГРЕКО.

„Цели 11 години криминалот на режимот беше целосно под заштита од институциите на системот. За да се прикрие криминалот и корупцијата ВМРО-ДПМНЕ ја партизираше дури и Комисијата за спречување на корупцијата. Така партизирана, Комисијата не само што ја уништи оваа институцијата туку допринесе дополнително да се рашири корупцијата. Граѓаните паметат дека за претседател на ДКСК беше назначен Игор Тантуровски, донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Не  може да се борите против корупцијата со партизирана антикорупциска комисија“, реагира СДСМ.


Владејчката партија додава дека криминалот на фамилијата во тие 10 години ја сместила земјата во групата на земји коишто имаат сериозен проблем со корупцијата.

„Граѓаните слушнаа од политичките бомби како Груевски и Јанакиески договараат милионски провизии само за еден пат. Фирми на Белизе и рајски шеми за испумпување на парите на граѓаните и богатење на фамилијата беше синоним за криминалот и корупцијата цели 11 години. Тендерот за Трансмет во вредност од 17 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола е само еден од низата примери за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги испумпуваше парите на граѓаните“, додаде СДСМ.

 

 

 

10.08.2018 - 16:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега