Вељаноски го честита големиот христијански празник Велигден
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и до сите православни верници.
- Ваше Блаженство,
Дозволете ми, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, на сите православни верници на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, во Република Македонија и на верниците во дијаспората, да Ви го честитам празникот, Воскресение Христово – Велигден.
Велигден е најсветол ден, и благословен е секој човек кој верува и ја разбира големата жртва на нашиот Бог кој ни ја откри боженствената тајна на преминот и победата на животот над смртта. Исус Христос воскресна од мртвите и на нас ни подари вечен живот. Тоа се зборовите кои треба вистински да ги разбереме, ни помагаат да го славиме животот, со чиста душа и добра мисла, да бидеме скромни, да си го почитуваме семејството, да се почитуваме меѓусебно, да си помагаме еден со друг, и да живееме во мир и спокој.
Овој најголем Христијански празник е вистинска можност и поттик да останеме цврсто обединети и истрајни во зачувување на духовното и културното наследство и идентитет на македонскиот народ. Тоа е вековит аманет на Македонската Православна Црква која со своите заложби продолжува да биде стожер во промовирањето на православните христијански вредности.
Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам овие свети денови да ги поминете во духовен мир, исполнети со многу здравје, радост, среќа и бериќет во секој дом.
Нека ни е честит и вековит празникот, се вели во честитката од претседателот на Собранието Вељаноски до г.г. Стефан и до православните верници.