"Луѓето го повредуваа Мајкл Џексон"
Стилистот Мајкл Буш, кој 25 години работел за Мајкл Џексон, во Прага ја промовираше книгата: „Кралот на стилот: како се облекуваше Мајкл Џексон“.
- Дома беше ист како вас. Како било кој. Само правеше разлика кој е во приватниот живот, а кој во јавноста, го опиша Буш својот пријател за кого рече дека му недостасува неговата насмевка.
Буш смета дека последните години Џексон бил несреќен поради наводните измислици кои за него често се појавуваа во јавноста. Модниот дизајнер, кој на средбата со новинарите дојде во сјајно палто со портретот на Џексон, материјалите за книгата ги собирал дваесетина години.
- Мајкл тогаш ми подари фотоапарат. Ми рече да овековечувам се што мислам дека треба, додаде Буш.
Книгата содржи досега необјавени фотографии, но и опис на најмали досега непознати детали во врска со животот на поп ѕвездата која почина на 25 јуни 2009 година од срцев удар.
Буш со својот партнер Денис Томпкинс, кој почина пред две години, е креатор на речиси целата облека на Џексон. Нивната прва средба била во 1985 година на снимањето на филмот „Капетан ЕО“ во режија на Френсис Форд Копола. Соработувал и со Бритни Спирс и Елизабет Тејлор.