Македонските лекари ќе учат од нивните турски колеги
Наскоро ќе биде изготвен Проект за Турско-македонска недела на здравството која би се организирала во април следната година. Како што вчера се договорија министрите за здравство на Македонија и Турција, Никола ТОдоров и Мехмет Муезиноглу, во текот на неделата на здравството во Македонија ќе дојдат доктори од Турција и ќе работат со македонските доктори, пренесува МИА
- Ќе дојдат врвни турски доктори кои ќе работат на интервенции и методи кои не се изведуваат во Македонија, интервенции кои се изведуваат во мал број или се во почетна фаза, изјави Тодоров.
Министерот информираше дека со турскиот колега договориле да се формираат два тима, едниот од македонското, а другиот од турското Министерство за здравство, кои треба во наредниот период интензивно да работат и да го договорат целиот акциски план, односно сите детали околу реализирањето на овој проект.
- Целта е да се овозможи трансфер на знаења, вештини, но и ставови од турски врвни доктори на нивните македонски колеги и тоа за интервенции или методи кои во Република Македонија не се работат. Проектот треба да овозможи подигнување на нивото на квалитет на знаења и вештини на македонските лекари, а со тоа и подигнување на нивото на квалитет на македонското здравство, истакна Тодоров.
Според планираното, во Македонија ќе дојдат врвни познати турски доктори кои изведуваат многу сложени интервенции и се познати по нив.
- Идејата е македонските лекари да работат со нив, да воспостават личен контакт, да соработуваат и таа соработка постојано да се унапредува, додаде министерот Тодоров.
Тодоров денеска ќе има свое обраќање на 63. Годишна сесија на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа.