Паско Кузман седнува на обвинителна клупа
Во понеделник во скопскиот Кривичен суд ќе почнува судскиот процес против сега поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Тој се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи нелегално издал согласност на две лица да вршат ископувања во околината на Катланово и кај Делчево, јавува Вечер
Тој беше уапсен во јули заедно со уште три лица исто така вработени во Управата. Станува збор за Илче Бојчевски (59), раководител на Одделението за превенција на културното наследство, Звонимир Николовски (56) и Марија Пуљаз (49) кои беа обвинети за помагање.
Според обвинителниот акт, Кузман спротивно на своите надлежности ги издал согласностите за ископувања, а едното го добило лице кое било обвинето за нелегално ископување во рамките на акцијата "Фаланга". Првиот локалитет бил кај местото Драмски Рид во околината на Делчево каде се претпоставува дека во еден напуштен и затрупан тунел било оставено големо количество оружје од германската војска во Втората светска војна, а вториот локалитет бил кај Катланово каде се трагало по закопано злато вредно неколку милиони евра. Во издадените согласности не биле наведени точните локации каде требало да се изведуваат ископувањата, а на двата локалитети Кузман го назначил Николовски да врши археолошки надзор, додека како координатор се јавува Бојчевски, но за тоа нема никаква официјална документација. Исто така, не постои ниту еден записник од извршена контрола ниту пак задолжителна фотодокументација од вршени ископувања, па не е познато дали нешто е пронајдено на двата локалитети и што се случило со предметите.
Јавното обвинителство го приклучи актот против Кузман во веќе постоечкиот случај "Фаланга 2" каде им се суди на петнаесетина обвинети.
Адвокатот на Паско Кузман, Александар Новаковски побара на неговиот клиент да му се суди во одвоен судски процес бидејќи немало поврзаност со останатите обвинети во "Фаланга 2" и поднесе приговор на продолжувањето на куќниот притвор барајќи да се брани од слобода за што била понудена семејната куќа во Охрид како гаранција.
Останатите обвинети во "Фаланга" се товарат за вршење на нелегални ископувања и одземање на археолошки предмети од непроценлива вредност, а според обвинението, тие ги препродавале археолошките предмети во странство. Адвокатите на обвинетите на ова реагираа дека предметите кои беа запленети во акцијата всушност не биле артефакти, туку копии.