Жидас Даскаловски: Во меѓународни рамки договорот со Грција е силување
Универзитетскиот професор, Жидас Даскаловски смета дека сржта на договорот меѓу Македонија и Грција е македонската капитулација кон грчките барања во врска со името, кое сега се менува и дома, и надвор, билатерално и мултилатерално, нешто што ќе повлече целосно менување на имињата на институциите.
-Менување на името во Устав значи и менување на името во сите јавни институции и употреба на посесивната форма „на Северна Македонија„ во врска со сите јавни институции наместо „македонски„. Се откажување од употребата на македонските топоними за местата во Егејска Македонија и историјата преку ревизија на учебниците. Гоце Делчев биде роден не во Кукуш туку во Килкис, а ВМРО ќе биде основано во Тесалоники. За возврат, „добивме„ ветување за членство во НАТО и почеток на преговори, вели Жидас Даскаловски во интервју за Прес24, потенцирајќи дека „Навредливо е на умот дека е успех што ни се дозволува секојдневната употреба на придавката „македонски„ во приватната сфера.“
Во меѓународни рамки договорот, според него е силување кое Владата се обидува да го престави како компромис.
-Но малку ли беше, многу ли беше, нежно или грубо, силување е силување. Дозволуваме бришење на македонскиот идентитет преку комплетно само-укинување. Сами си правиме геноцид, и тоа без да сме воено поразени или окупирани, вели во интервјуто универзитетскиот професор.
Даскаловски се надева дека никако нема да биде обезбедено потребното мнозинство за уставни измени, иако не исклучува опција и за притисоци врз пратениците.
-Инаку сме имале случаи во политичката историја на поткупи и закани на пратеници, тајни и јавни, да гласаат или да не гласаат, да преминат или да не преминат од една во друга партија, вели Жидас Даскаловски, универзитетски професор во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Минатата недела на 17 јуни 2018 година се случи она што веројатно пред 27 години кога почна спорот со Грција, никој не помислувал дека може да се случи. Дали овој договор меѓу Македонија и Грција значи и крај на проблемот со Грција?
ДАСКАЛОВСКИ: Сржта на овој договор е Македонска капитулација кон грчките барања во врска со името, кое сега се менува и дома, и надвор, билатерално и мултилатерално. Не смееме, а менуваме Устав. Менување на името во Устав значи и менување на името во сите јавни институции и употреба на посесивната форма „на Северна Македонија„ во врска со сите јавни институции наместо „македонски„. Се откажување од употребата на македонските топоними за местата во Егејска Македонија и историјата преку ревизија на учебниците. Гоце Делчев биде роден не во Кукуш туку во Килкис, а ВМРО ќе биде основано во Тесалоники. За возврат, „добивме„ ветување за членство во НАТО и почеток на преговори.
ПРЕС24: Владата вели дека се зачувани сите идентитетски карактеристики и дека овој договор значи компромис кој овозможува просперитетна иднина за државата?
ДАСКАЛОВСКИ: Како позитивна работа власта споменува дека сме имале гаранции за јазикот, кој веќе беше утврден како македонски во ООН, и за државноста/nationality, иако тоа веќе не е ни битно кога вие доаѓате од Северна Македонија и настапувате на пример во Северно Македонска репрезентација или хор. Промената на именувањето на сите државни институции не може, а да не влијае врз нашето само-идентификување и она на сите идни македонски генерации. Навредливо е на умот дека е успех што ни се дозволува секојдневната употреба на придавката „македонски„ во приватната сфера.
ПРЕС24: Дали компромисот е Ерага Омесн и уставни измени за македонски јазик и македонски народ?
ДАСКАЛОВСКИ: Договорот од страна на владата е проституција. И тоа по каква цена! Што добиваме за возврат за проституирањето? Ветувања за подобро утре. Во меѓународни рамки договорот е силување кое се обидуваат да го престават како компромис, но малку ли беше, многу ли беше, нежно или грубо, силување е силување. Дозволуваме бришење на Македонскиот идентитет преку комплетно само-укинување. Сами си правиме геноцид, и тоа без да сме воено поразени или окупирани. Македонците го губат правото на само-определување со тоа што Грција го добива правото на Македонија и на античката историја и правото да ја толкува историјата.
За жал и ветувањето за обезбедена Евроатлантска иднина е на климави нозе. Оваа влада и да ги направи договорените промени, Грчата може и да не го ратификува договорот. Значи проблематичен аспект на договорот е што гласањето во грчкиот парламент е последната фаза пред да стапи на сила, откако ние веќе би ги изгласале и усвоиле Уставните измени. Таму 70% од граѓаните се против, а на наредните избори е повеќе од извесно дека Сириза ќе изгуби. Ако Грција не ја ратификува спогодбата нема да им биде прв пат своите националистички интереси да ги ставаат пред меѓународни политики и договори. И што потоа? Ќе се крстиме во дипломатијата на т.н. меѓународна заедница која на пример не успеа да ги убеди Грците во однос на компромисното обединување на Кипар. Никој не може да гарантира од грчка страна дека ова ќе помине во нивниот парламент.
Оваа Влада наместо да се концентрира на демократизација на општеството вклучително и на партиите, на внатрешни реформи, економски прогрес, транспарентност, да расчисти со корупцијата, да ја среди партизираната администрација, да решава сиромаштија, тие се решија на распродажба на името со верба дека со тоа магично ќе се решат сите проблеми. Ветувањата за брзо интегрирање во ЕУ се лажни, членството во ЕУ не зависи од овој договор. Ние немаме функционална пазарна економија. До сега оваа влада покажа дека е неспособна за спроведување на реформи и не може да не однесе во ЕУ. Може да се претпостави дека во иднина ќе видиме дека членството во НАТО само по себе не им носи никаков опиплив бенефит, а членството во ЕУ ќе биде далеку во иднината, 2030,2035. Што тогаш?
ПРЕС24: Решенијата од договорот како и што се очекуваше предизвикаа поделеност во општеството. Ако се анализира текстот на договорот, што е она што предизвикува чувство на пораз кај Македонците?
ДАСКАЛОВСКИ: Не постои ниту една власт во светот, која по вакви сериозни прашања, не побарува јасен национален консензус. Во Македонија, за разлика од Грција каде имаше и информации и дебата, сега бара прво македонското собрание ќе го ратификува договорот, а потоа ќе се оди на референдум. Како беше кажано, „по свадба тапани.„ Влада која не работи на зачувување на името на државата, но и на градење на кохезија на граѓаните без разлика на потеклото и идеологијата, владеење на правото, борба против корупција, економски прогрес, подобар животен стандард не е легитимна.
ПРЕС24: Мислите ли дека беше возможно да се постигне договор со Грција во кој немаше да има Ерга Омнес употреба на името?
ДАСКАЛОВСКИ: И оваа и минатите влади имаа на увид научно поткован пристап за тоа што треба да се направи во однос на Грчката агресија кон нашето име. Треба(ше) да се врати името во ООН, бидејќи таму бевме примени со кршење на Повелбата затоа што ни беа поставени два дополнителни услови, да не нарекуваат под референцата и да разговараме околу разликите за името со јужниот сосед. Требаше да се ангажира дипломатија и ум, впрочем во 2011 Пресудата од Хаг во наша полза покажа дека и тоа можеме умешно да го направиме. На крајот на денот и неуспех во битката во ООН не значи дека треба да се предаваме под грчкиот диктат. За некои работи не се преговара, продавањето на душата на ѓаволот е недопустливо.
ПРЕС24: Собранието ќе го ратификува договорот, очигледно е дека Претседателот Ѓорге Иванов нема да го потпише, но како очекувате да се одвиваат фазите од реализација на овој договор?
ДАСКАЛОВСКИ: Правно договорот во Македонија е неуставен но дали и како владата ќе го промовира во меѓународни рамки е болното прашање на кое не можеме да дадеме одговор.
ПРЕС24: Договорот го поздравија сите меѓународни фактори, што пак укажува на тоа дека и очекувањата се големи за притисок од Европа и САД за да овој договор биде целосно реализиран. Дали и без потпис од Иванов, Македонија може да ја добие поканата за НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ?
ДАСКАЛОВСКИ: По нивните изјави без потпис од Иванов, Македонија не може да ја добие поканата за НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ, но заради геополитички консидерации се е можно во однос на членството во НАТО.
ПРЕС24: За целосна реализација на договорот е потребно двотретинско мнозинство за уставни измени, кое сегашната власт го нема. Како тоа би било обезбедено до крајот на годината?
ДАСКАЛОВСКИ: Се надевам дека никако нема да се обезбеди. Инаку сме имале случаи во политичката историја на поткупи и закани на пратеници, тајни и јавни, да гласаат или да не гласаат, да преминат или да не преминат од една во друга партија.
ПРЕС24: Дали успешен референдум би бил алиби за опозицијата да гласа за уставните измени?
ДАСКАЛОВСКИ: Народот гледа што прави ВМРО-ДПМНЕ во овие мачни денови за Македонецот. На наредните избори може да очекуваме да се гласа за некоја партија а не само против режим или хунта, така што најголемата опозициска партија треба добро да размисли зошто би учествувала на референдум или гласала за уставни промени.
ПРЕС24: Можат ли протестите кои сега се случуваат некако спонтано да извршат притисок против овој договор?
ДАСКАЛОВСКИ: Ако денес народот не се крене на нозе против самоукинувачкиот договор со кој се дава душата на ѓаволот, може слободно да легне во зимски сон до доаѓањето на животот во форма на 500 евра и европска иднина
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа