Зоран Заев му доделувал тендери на својот татко - еве каков скандал откри ВМРО-ДПМНЕ

Денеска, Спиро Ристовски обелодени, како што рече, доказ дека Зоран Заев е длабоко заплеткан во еден систем на фамилијарна организираност и непотизам при доделување на јавните набавки во Општина Струмица и во институциите кои се во надлежност на Општина Струмица. 

 

-Станува видливо сомнителното работење при изборот на фирми за склучување на договори за јавни набавки на локалната власт во Струмица, предводена од градоначалникот Зоран Заев. Во изминативе денови, до нас дојдоа документи со содржина и факти кои што ќе го потврдат и поткрепат ова наше сомневање за сомнително работење во Општината Струмица, рече денеска Ристовски.

 

Еве што обелодени денеска Спиро Ристовски:

-Фирмата ЗОВИ-ПРОМЕТ ДОО од Струмица, чии сопственици се Панчо Заев, внимавајте, овој човек е татко на Зоран Заев, и Љупчо Заев, а овој човек е роден чичко на Зоран Заев, се јавува како учесник на распишаниот оглас од Јавната Општинска Установа “Детска радост”, која е во надлежност на Општина Струмица, за набавка на прехрамбени производи и средства за одржување на хигиена. И секако, фирмата ЗОВИ-ПРОМЕТ ДОО во сопственост на таткото и чичкото на Зоран Заев ја добиваат оваа јавна набавка.Ова е класичен судир на интерес. Фирмата ЗОВИ-ПРОМЕТ ДОО потпишува два договори за јавна набавка со Јавната Општинска Установа “Детска радост” во ист ден (11.04.2013),во вкупна вредност од 3.641.478 денари, односно 3.358.777 за првиот и 282.701 денар за вториот договор за јавна набавка, пари кои всушност одат на сметката на фамилијарната фирма на градоначалникот Заев, ЗОВИ-ПРОМЕТ ДОО, истакна Ристовски.

 

Според Ристовски, Зоран Заев, на фирмата на својот татко, преку институција за чие раководење и работење има надлежност како градоначалник, и доделува јавна набавка во висина од 3.641.478 денари.

-Ова не е само сомнителен случај, ова ги поминува сите граници на одговорност спрема граѓаните. Зоран Заев не е во политика за да работи за граѓаните, Зоран Заев е во политика заради остварување на профит на фирмите од Кланот Заеви, рече Ристовски.

 

Ова, како што рече,  се цврсти докази, кои покажуваат дека раководењето на Зоран Заев со Општина Струмица е сомнително и има елементи на класичен судир на интереси. Ристовски додаде дека овој скандал е уште еден доказ дека Зоран Заев и Бранко Црвенковски воопшто не се разликуваат.

 

 

 

15.09.2013 - 12:39
Фото: 
вмро-дпмне.орг.мк

најчитано сега