Со македонски филм ќе се отвори „Браќа Манаки“
Вечерва во Битола ќе биде отворен 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на Игор Иванов - Изи, а до 20. септември ќе бидат прикажани 74 филмнови.
Покровителот на фестивалот, претседателот Ѓорѓе Иванов ќе го прогласи фестивалот за отворен. На свеченото отворање ќе му биде врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело на шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин, познат по соработката со режисерот Педро Алмодовар.
По официјалното отворање ќе следува премиерата на „Соба со пијано“, кој е во главната, натпреварувачка програма, заедно со уште 11 филмови во трка за трите награди „Камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена). Филмот ќе има и репризна проекција во Центарот за култура во Битола, од 23 часот, а од утре ќе биде на редовен репертоар и во кино „Милениум“ во Скопје.
Освен „Соба со пијано“, светска премиера во Битола ќе има уште еден филм од главната програма - израелскиот „Слатки“ на кинематограферот Фред Келеман.
- Дефинитиво имаме еден од најсериозните и најинтересните фестивали. Во програмата се најголем дел од филмските бисери на светската кинематографија и, како никогаш досега, сме тотално полни - од 10.30 до 2.00 часот ќе има постојано случувања. На битолчани ќе им дадеме седум дена нордиска светлина, рече директорката на ИФФК Лабина Митевска на соопштувањето на фестивалската програма.
Селекторот на официјалната програма Благоја Куновски-Доре рече дека и оваа година фестивалот се труди да го задржи реномето и компетитивната програма е комбинација на разновидни жанрови, филмови на различни генерации автори, познати имиња, но и откривање нови. Специфика е што четири филма или една третина од главната програма се црно-бели.
Во програмата „Нови визии“ во селекција на Сунчица Уневска се шест филма, од кои само еден европски (словенечкиот „Адрија блуз“ на режисерот Мирослав Мандиќ), четири се дебитантски, а два филма во програмата се на жени-директори на фотографија. За документарната програма селекторката Евгенија Теодосиевска избра осум филма, меѓу кои е и премиерата на македонскиот документарец „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева.
Во програмата кратки филмови се 11 во трка за наградата „Мала камера 300“, а од нив два се македонски премиери „409“ и „Алерик“. Во соработка со Европската филмска академија ќе бидат прикажани 18 кратки филмови.
Оваа година ќе има и рекорден број директори на фотографија што ќе го посетат фестивалот - ќе има гости од 10 филма во главната конкуренција, како Филип Кирсамер, Франчиско де ла Рика, Римвидас Леипус, Виржини Сент-Мартин, Беноа Солер, Диего Ромеро, Кшиштоф Птак, Фред Келемен, режисерката Џесика Вудворт...
Акцент на фестивалот е ставен на македонскиот филм. Во „Македонска панорама“ ќе бидат прикажани шест кратки македонски филма. Кинотека на Македонија во понеделник ќе промовира ДВД со опусот на браќата Манаки по реставрацијата на целокупното нивно творештво, а ќе прикаже и ретроспектива на филмови од Кирил Ценевски. Токму овој македонски режисер е прв добитник на новата награда што од оваа година ќе ја доделува Друштвото на филмски професионалци „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Покрај проекции, на ИФФК ќе има и придружна програма - работилници, мастер-класови и конференции, меѓу кои како и лани конференција на Европската федерација на кинематографери (ИМАГО) на 19 септември, со 40-ина учесници.
Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на затворањето на 20 септември ќе и биде врачена на водечката француска снимателка Ањес Годар, која во 34-годишната историја на фестивалот е прва кинематограферка што ќе ја добие оваа награда.
На затворањето ќе гостува и големата ѕвезда на европската кинематографија, Французинката Изабел Ипер, која во Битола ќе престојува од 19-ти до 21 септември. Ќе гостува и српската и ексјугословенска актерка Мирјана Карановиќ која ќе учествува на Сценаристичкото катче „Браќа Манаки“ што ќе се одржува на 18-ти и 19 септември.
Четврта година официјален партнер на ИФФК е телекомуникацискиот оператор ВИП кој ја организира специјалната програма за најмладите. Годинава во неа се пет филма заедно со креативните работилници „Децата во фокусот“.хс/9:18