Набргу националната арена „Филип Втори“ со нова фасада

 

Националната арена „Филип Втори“ ќе добие нов фасаден облика, а активностите ќе стартуваат за десетина дена. Најпрво ќе се реконструира Источната трибина. За ваквиот потфат одвоени се од осум до девет милиони евра. 

- Во тој износ ќе има дополнително изземање на одредени ставки, што би можеле да бидат ставени подоцна, или пак  ќе се намали или зголеми зависно од тоа дали ќе се одлучиме да поставиме илуминација во првата фаза или не, рече денеска на прес-конференција директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, Цветко Гроздановски.

За првата фаза испланирани се 2,5 милиони евра со вклучен ДДВ, но во тој износ не влегуваат трошоците за градежните активнисти за опремување на подтрибинскиот простор.

Потоа ќе се пристапи кон доизградба на подтрибинскиот простор. Со тоа ќе се стават во функција 3.153 метри квадратни корисен простор со комерцијална намена, со можност заинтерсираните правни субјекти  да го доопремат и да го користат за сместување, информира Гроздановски.

ГП „Бетон“ ќе ги извршува градежните опфати коишто треба да достави динамика за реализација на активностите. Гроздановски очекува  да се почне со работа  за десетина дена со поставување на челичната поттконструкција на која подоцна  ќе се постават алуминиумските профили и фасадното обликување  на Источната трибина, а да се заврши за три до четири месеци.

Според Гроздановски, по завршување на првата фаза зависно од обезбедување на  финансиските средства ќе се изврши  фасадно  обликување и илуминација и на Северната и на Западната трибина со доизградба на останатите подтрибински  простори. Во функција ќе се стави простор од 12.139 метри квадратни за комерцијална намена. 

АД за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост дополнително ќе одлучува за продажба или издавање на просториите, но, како што рече Гроздановски, сега  во нивен интерес е да се оспособат и да се издадат под закуп за да се обезбедат плати за вработените и да се покријат потребните трошоци за арената „Филип Втори“.

- Со овој простор што  ќе го понудиме како нов и атрактивен во Градскиот парк,  во центарот на Скопје, сметам дека интересот ќе биде голем затоа што анкетата што ја направи нашето одделение за маркетинг покажа дека правните субјекти имаат интерес да вложат, односно да добијат  простор којшто знаат дека  долг временски период ќе им биде од корист и ќе биде издаден, рече Гроздановски.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на апликацијата на Фудбалската федерација на Македонија за домаќин на Европското првенство во фудбал во 2020, Гроздановски истакна дека како АД во државна сопственост ќе излезат максимално во пресрет, а арената „Филип Втори“ ќе биде максимално подготвена.

13.09.2013 - 16:05

најчитано сега