Ивон Величковски: Владата стави се на картата на надворешната политика

 

Оптимизмот кај нас е заснован на јасната определба на мнозинството македонски граѓани и на консензусот на власта и опозицијата дека местото на РМ е во НАТО и ЕУ. Но, во домашната политика и економија имаме многу горливи прашања, а системот ни е закочен до неодржливост, па ставањето се на „една карта“ може да биде повеќе штетно отколку корисно. И за Владата (што е политичко прашање), но и за македонскиот народ и за нацијата – што е многу поголемо прашање од една влада или владејачко мнозинство, вели претседателот на Либералната Партија на Македонија, Ивон Величковски во интервју за Прес24.

Тој смета дека претерано би било да се очекува иритантно-видлив притисок врз било која од страните или нефлексибилно држење до временска рамка заснована строго на конкретен рок (јуни/јули) или настан (Самитот на НАТО во Брисел).

-Конкретно да Ви одговорам и за позициите на Либералната партија. Јасно сме кажале дека чепкањето во Уставот за самите себеси да си се обраќаме со „ново“ име ниту е, ниту било наша цел или цел на нашите пријатели. Во тоа сме успевале дури и во услови на регионални конфликти (1995), а не пак сега. Времената Спогодба уредува многу прашања и тие сега воопшто нема потреба да се реактуелизираат. Уставните измени од 1992 и свеченото толкување на одредбите согласно Времената Спогодба ја отстрануваат потребата од повторно отворање на Уставот. Впрочем, тоа во изминатиот период јавно го потврдија и многу сегашни и поранешни грчки политичари. Ставот на ЛП е дека нема причина да влегуваме во ревизија на она што е уредено и докажано функционира, туку дека тоа е основа за да ги доуредиме прашањата што не сме ги адресирале претходно. На пр., го поддржуваме спречувањето иредентизам и градењето конректни мерки во оваа насока. Притоа, дистинкцијата на државата Македонија од регионот Македонија е од корист и за Скопје и за Атина и за регионот во целост, а тоа е можно со следење на решенијата и духот на Времената Спогодба и на правците во Резолуциите на Советот за безбедност (817 и 845), вели Ивон величковски, во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Последната рудна разговори под медијаторство на Метју Нимиц во Виена заврши без какви било официјални и неофицијалните детали. За оваа недела најавена е нова средба во Солун. Дали овој молк наговестува напредок во процесот или пак реално значи дека разговорите се во заглавена фаза во која отстапки од двете страни се невозможни?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во услови на штури медиумски информации, можеме само да претпоставуваме. Можеби најкоректен одговор е дека молкот навестува оти разговорите се во чувствителна фаза која ќе заврши со она што го нарекувате „отстапки“ за „одглавување“ на процесот или оваа фаза ќе заврши летото и во следната фаза ќе се влезе од позиција на помал временски притисок. Во таква евентуална следна фаза, почетна точка би било модификување на она што се нарекува употреба на името „ерга омнес“. Инаку, молкот по виенската рунда разговори на министерско ниво уследи откако Хан најави решение на спорот „во следните две недели“, а грчките официјални лица ја оспорија неговата повиканост за ова прашање и испорачаа две очигледни „црвени линии“ – првата, дека „Атина го завршила своето и сега е редот на Скопје“ и втората, дека за решение се потребни уставни промени во РМ.

ПРЕС24: Македонија има оптимизам. На што се темели тој, ако се помалку време има до јули и се повеќе притисок во јавноста дека и оваа 2018 нема да биде година на толку посакуваната евро-атланска интеграција?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Видливи се напорите на нашите пријатели да се искористат регионалниот контекст и подобрената политичка клима во Македонија за нашето интегрирање, кое е во застој од 2008, а особено по ескалацијата на политичката криза од 2014. Веројатно ваквите состојби беа причината и за постојаното форсирање рокови за решение на спорот и напредок во интеграциите во речникот на нашите политичари. Но, следејќи ги настаните и реакциите во Грција кои ги споменав и претходно, да не ја занемариме оценката дека е започната и „играта“ кој кому ќе му ја префрли вината за евентуалното пролонгирање на преговорите.

Оптимизмот кај нас е заснован на јасната определба на мнозинството македонски граѓани и на консензусот на власта и опозицијата дека местото на РМ е во НАТО и ЕУ. Но, во домашната политика и економија имаме многу горливи прашања, а системот ни е закочен до неодржливост, па ставањето се на „една карта“ може да биде повеќе штетно отколку корисно. И за Владата (што е политичко прашање), но и за македонскиот народ и за нацијата – што е многу поголемо прашање од една влада или владејачко мнозинство.

ПРЕС24: Можен ли е некаков меѓународен притисок врз Грција за да биде сепак постигнат некаков договор?

ВЕЛИЧКОВСКИ: И НАТО и ЕУ и нивните членки посакуваат решение на овој спор, па оттука меѓународен притисок очигледно постои и кон Скопје и кон Атина. Постојаното декларирање подготвеност за решение од Заев и Димитров, но и потенцирањето на „црвените линии“ од Коѕијас и Ѕанакопулос пред средбата во Виена и онаа со Столтенберг тоа го потврдува.

Да не забораваме и дека Грција е, а Македонија не е дел од ЕУ и НАТО, за да сфатиме дека притисокот кон членката-сојузник и кон потенцијалната членка-сојузник е присутен, но и соодветен на статусот.

Верувам дека дипломатските напори внимателно се движат по оваа линија за да не го нарушат дигнитетот на Македонија или на Грција и за да не не доведат во позиција на надмоќност или немоќ, бидејќи обете земји а крајот треба да бидат заедно во двете алијанси. Во оваа „равенка“ треба да ги имаме во вид и состојбите и односите меѓу Анкара и Атина, кои се во НАТО, но и односот меѓу НАТО и Русија и развојот на состојбите на Блискиот Исток.

Да сумирам, претерано би било да се очекува иритантно-видлив притисок врз било која од страните или нефлексибилно држење до временска рамка заснована строго на конкретен рок (јуни/јули) или настан (Самитот на НАТО во Брисел).

ПРЕС24: Ако се суди според јавно декларираните изјави од македонска и грчка страна, најспорни остануваат точките за опсегот на употреба на името и уставните измени кои новото име би го внеле и во домашна употреба. Дали се тоа црвените линии од двете страни од кои тешко дека  може да има поместување?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Тоа е јасно уште од средбите на Нимиц и Димитров и особено на Димитров и Коѕијас во Охрид. А имајќи предвид дека јасно и директно ни се стави до знаење дека само со решен спор Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, досегашниот, на моменти „несташен“ оптимизам на премиерот во јавноста полека го потиснува одредена загриженост и песимизам.

Покана за членство во јули би било одлична вест, но да не заборавиме дека формалната покана, уште со заклучокот на Букурешкиот самит, практично може да ни биде ковертирана секоја втора седмица. Потребно е постигнување одржлив договор, а не нов камен на сопнување во билатералните односи, во регионалната стабилност или предизвикување нови поделби во домашната јавност.

ПРЕС24: Впрочем.. има ли Македонија црвени линии во овој процес? Како го оценувате однесувањето на опозицијата во овие преговори?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Иако ниту македонската, ниту грчката влада формално не декларираат „црвени линии“, сепак се исцртаа разликите за она што секоја од двете страни го доживува како одржливо решение.

Конкретно да Ви одговорам и за позициите на Либералната партија. Јасно сме кажале дека чепкањето во Уставот за самите себеси да си се обраќаме со „ново“ име ниту е, ниту било наша цел или цел на нашите пријатели. Во тоа сме успевале дури и во услови на регионални конфликти (1995), а не пак сега. Времената Спогодба уредува многу прашања и тие сега воопшто нема потреба да се реактуелизираат. Уставните измени од 1992 и свеченото толкување на одредбите согласно Времената Спогодба ја отстрануваат потребата од повторно отворање на Уставот. Впрочем, тоа во изминатиот период јавно го потврдија и многу сегашни и поранешни грчки политичари. Ставот на ЛП е дека нема причина да влегуваме во ревизија на она што е уредено и докажано функционира, туку дека тоа е основа за да ги доуредиме прашањата што не сме ги адресирале претходно. На пр., го поддржуваме спречувањето иредентизам и градењето конректни мерки во оваа насока. Притоа, дистинкцијата на државата Македонија од регионот Македонија е од корист и за Скопје и за Атина и за регионот во целост, а тоа е можно со следење на решенијата и духот на Времената Спогодба и на правците во Резолуциите на Советот за безбедност (817 и 845).

Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, со задоволство гледаме дека новото раководство манифестира особено конструктивен пристап. Мицковски можеше да посегне по популизам и во вакви клучни моменти да ја доведе Владата во позиција да настапува со задршка во преговорите. Но, тој избра да покаже карактеристики на тактичен и одговорен политичар и ваквиот неговиот пристап го поздравува и домашната јавност и меѓународната заедница. Особено е охрабрувачки што неговиот тим јасно става до знаење дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од западната ориентација на Македонија и од стратешките цели на земјата декларирани веќе 28 години – членство во НАТО и ЕУ.

ПРЕС24: Кои се Вашите проценки.. во кој правец ќе се движи политичката ситуација во случај на неуспех на преговорите со Грција до клучниот јули, а во кој во случај сепак да биде постигнат договор...?

ВЕЛИЧКОВСКИ: И во едниот и во другиот случај, ќе дојдеме до нова политичка динамика.

За почеток, да се водиме од посакувањето Македонија да успее и по постигнувањето решение да станеме дел од НАТО и да добиеме датум за преговори со ЕУ. Да се согласиме, на пример, дека помрднувањето на разговорите меѓу Скопје и Атина после 2008 и пресудата на Меѓународниот суд на правдата е успех, пред се на Владата. Со таквиот пристап ќе овозможиме процесот да не се води од појдовна позиција на „контрола на штета“ по можен неуспех/застој во разговорите, туку министерот за надворешни и премиерот и, всушност, самата држава, да се во покомотна позиција во преговарачкиот процес што треба да даде одржливо, прифатливо решение. Притоа, непостигнувањето договор до јуни/јули би било застој во оваа етапа од процесот.

Затоа велам и во едниот и во другиот случај, ќе дојдеме до нова политичка динамика. За секое од можните сценарија се надевам дека како општество и како политичари ќе имаме сила да постапиме мудро: во случај на решен спор и интегрирање, да напредуваме и да им оддадеме признание на оние што го заокружија процесот без да ги заборавиме сите кои придонесуваа до постигнувањето на целта, а во случај на застој да извлечеме поуки, секој да го понесе својот дел од одговорноста и да се продолжи со барањето можности и решенија.

ПРЕС24: Се чини дека оваа влада во многу зависи од договор за името... Помина една година од мандатот, а главниот фокус е надворешната политика... Се останато во владата како да се движи по некоја инерција која чека моторна сила од евентуален договор со Грција?

ВЕЛИЧКОВСКИ: За жал општиот впечаток за перформансите на оваа Влада е дека се е ставено „на карта“ на надворешната политика. Затоа и е јасно дека евентуалниот застој со непостигнување решение до јуни/јули би ја отежнал политичката клима за Владата, бидејќи и придобивките и одговорноста најмногу ги носат оние кои се носители на власта.

Секако, не откривам „топла вода“ ако кажам дека ризикот за општата состојба на политичката сцена и за самата Владата зависи од квалитетот на решението и/или од (не)постигнувањето решение во преговорите во временската рамка што Владата си ја зададе.

ПРЕС24: Дали евентуални предвремени избори би биле шанса за опозициската ВМРО-ДПМНЕ?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во моментов темата предвремени избори не е на агендата од разбирливи причини – предвремени избори во Македонија или во Грција сега би значеле запирање на преговарачкиот процес. По изгласаната доверба на Владата, макар и со покажаното мнозинство, Заев има простор во следните два месеци да не се оптеретува со прашања на стабилноста на неговиот кабинет.

Истовремено, меѓникот од постојната кон идната динамика на политичката сцена е Самитот на НАТО, односно исходот од напорите за решавање на спорот со Грција во овој рок.

Инаку, забележлива е резигнацијата кон Владата на коалицијата на СДСМ. Причините за тоа се различни – несправувањето со економските предизвици, непоправениот животен стандард, неразбирливото форсирање на гласањето на Законот за употреба на јазиците и правниот преседан што се најавува дека ќе се создаде деновиве, непроменетата пракса на функционирање на институциите и партиската доминација во нив, разочарувањето од мноштвото градоначалници и локални совети кои 90% се од владината коалиција, а ништо не се менува во локалната самоуправа...

Треба да сме свесни и дека тоа не значи автоматско прелевање на (протестни) гласови – гласачката свест е изострена и сега граѓаните од партиите очекуваат – политика. Едно е сигурно – догодина имаме избори. Дали само претседателски, тоа е друго прашање.

Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, добро е што и Мицковски и нивното раководство јасно бараат санкционирање на секој што го прекршил законот, бидејќи партиите што ќе понудат оспособување на институциите за владеењето на правото, неселективна правда и консолидација на системот на државата ќе бидат партиите со доверба да ја формираат идната влада и да ја изградат македонската економија.

ПРЕС24: Како ја оценувате економската политика на оваа влада?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Нејасните и, според нас, непотребни измени во даночната политика, недоволниот исчекор во промената на моделите на субвенционирање, отсуството на вистински реформи во здравственото осигурување и отсуството на темелни образовни реформи за формирање адекватен пазар на труд остануваат пречки за суштински економски развој.

Продолжува дестимулирањето на „средната класа“, на инвентивните и пазарно-натпреварувачки кадри со теориско-бирократски мерки. Овие луѓе отсутвото на визија и услови за свој развој и просперитет го чувствуваат како судбина на поднебјето и тие и натаму си заминуваат од Македонија.

Ако претходно заробената држава форсираше свои партиски кадри, сега неинвентивната држава форсира кадрите да си одат „слободно“. Погледнете ги разговорите од Вашата околина и само пребројте си со колкумина сте зборувале минатиот месец дека некој нивен роднина, пријател, сосед... си заминува од Македонија или дека не може да најде човек/работник во својот град/село за основни професии...?

А без нови генерации квалитетни работоспособни луѓе, за каква економија и економски развој зборуваме?

ПРЕС24: Дали најавените реформски процеси во судството можат да гарантираат независност на судската власт?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Засега не гледам причини за задоволство или за сигурност дека одиме во правец на суштински реформи и во судската власт. А целосното надминување на имиџот и праксата на „заробена држава“ бара суштински, формално и фактички независно судство и правосуден систем.

Впрочем, реформите на подобро не можат да ги прават оние што состојбата ја довеле на ниски гранки. Либералната партија останува на тоа дека еден од модалитетите, меѓу другото, е генерален реизбор на судиите и за тоа вреди да градиме што поширок политички консензус. Ова го зборувавме и во 2016 и сега.

ПРЕС24: Каде сега е позиционирана Либералната партија во оваа политичка констелација?

ВЕЛИЧКОВСКИ: И по самостојниот настап во 2016, Либералната партија не е во власта, односно на централно ниво сме во опозиција.

ПРЕС24: Очекувате ли следните парламентарни избори да бидат организирани со променет изборен модел? Дали за такво нешто има волја кај големите партии?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Промена на изборниот модел е потребна. Тешките политички кризи со кои се соочивме меѓу другото се последица на политичкиот клиентелизам кој ги зароби политичките елити, а потоа и економијата, институциите и граѓаните, односно државата. А политичкиот клиентелизам очигледно е спонзориран и од изборниот модел.

ПРЕС24: Кој модел според вас би бил најсоодветен?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Ако сакаме држава со функционален и динамичен, а доволно шаренолик законодавен дом во кој ќе се води политичката дебата и ќе се контролира извршната власт, потребен е моделот една изборна единица, 2% праг и отворени листи. Досега од клучните фактори слушаме декларативни и општи изјави за ова прашање, но не гледаме поместување во потребниот правец. Можеби некакви етапни промени се можни, но засега тоа не ми е познато.

ПРЕС24: Следната година е изборна и за претседател на државата. Можни ли се промени и во овој изборен модел?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Моделот за избор на претседател на Републиката е утврден со Уставот, а засега не гледам дека некој е подготвен да пристапи кон потребната промена за да станеме вистинска парламентарна демократија наместо држава со поделена извршна власт.

Познато е дека од 1994 до денес, само еден изборен циклус за претседател на државата не бил оспорен од некои од учесниците (2009). Вака гледано, покрај моделот за избор на пратениците, очигледно е дека и (моделот на избор на) шефот на државата од симбол на единството на нацијата, всушност станува генератор на поделби и кризи. Најавите дека партнерствата за следните избори се градат врз основа на етничката припадност на идниот кандидат за претседател исто така треба да ни бидат индикатор за тоа каде ни се движи уставниот систем.

Можеби треба потемелно да расправаме зошто Либералната партија две децении укажува дека ни е потребен избор на претседател на Републиката во Собранието, но не сум оптимист дека до следните претседателски избори ќе се отвори ваква дискусија.

 

 

 

30.04.2018 - 13:08
Фото: 
Приватна архива

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега