Гужви на македонските аеродроми - се поголем бројот на превезени патници
Бројот на превезени патници преку македонските аеродроми во август се зголемил за 20,5 проценти во споредба со овој месец минатата година, велат статистичките податоци на операторот на македонските аеродроми „Александар Велики“ Скопје и „Св. Апостол Павле“ - Охрид, „ТАВ Македонија“. Преку скопскиот аеродром патувале 115.023 патници, што претставува зголемување од 23.1 отсто, а охридскиот го користеле 16.463, односно вкупно 131.486 патници на двата аеродроми.
Во текот на првите осум месеци од 2013 година во споредба со претходната има зголемување на бројот на патници од 17,5 проценти со вкупно 732.831 превезени патници. Зголемен е и бројот на летови, односно движења на воздухоплови. Од јануари до август биле реализирани 8.489 операции на воздухоплови што е зголемување од 9,9 отсто во споредба со истиот период од 2012 година. Во август, пак, има значително зголемување од 16,2 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Зголемувањето на бројките се должи на воведувањето повеќе фреквенции неделно од страна на „Туркиш ерлајнс“, „Аустриан ерлајнс“, „Кроација ерлајнс“ и „Флај Дубаи“. Дополнително, во текот на летната сезона неколкупати неделно имаше летови до туристичките дестинации Анталија и Измир во Турција со авиокомпаниите „Корендон“ и „Сан експрес“, како и неколку чартер-летови до Катанија, Сицилија. Патниците и понатаму покажуваат особен интерес за линиите на „Визер“.
Како што се наведува во соопштението, најпопуларна дестинација од скопскиот аеродром во август била Истанбул. Следуваат Виена, Цирих, Лондон и Малме. Помеѓу јануари и август, пак, петте најпопуларни дестинации се Истанбул, Виена, Цирих, Лондон и Љубљана. Најмногу патници патувале со „Визер“, „Туркиш ерлајнс“, „Аустриан ерлајнс“, „Адриа ервејс“ и „Пегасус ерлајнс“.