Средба Иванов - Нимиц: Македонија подготвена за интензивирање на дијалогот со Грција

 

Македонија е подготвена на средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот со Грција за разликата околу името, посочил денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името. Иванов очекува грчката страна да покаже добра волја за создавање позитивна атмосфера и надминување на разликата околу името, јавува МИА.

Шефот на државата, според соопштението од неговиот Кабинет, ја реафирмираше македонската државна позиција и посветеноста за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името. 

Како што се наведува, на средбата била разгледана актуелната состојба на процесот кој се води под покровителство на ОН и беа разменети информации и мислења поврзани со идеите и размислувањата на специјалниот пратеник Нимиц, како и со исходот од неговата посета на Атина.

Македонскиот претседател Иванов потенцираше дека како и досега, Република Македонија и натаму активно, конструктивно и со добра волја ќе учествува во процесот, со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Изрази очекување, грчката страна, во духот на добрососедството, да покаже добра волја со цел создавање позитивна атмосфера, за придвижување на процесот и надминување на разликата околу името.

- Подготвени сме за средби на највисоко ниво и интензивирање на дијалогот, рече претседателот Иванов.

Република Македонија инсистира на целосно почитување на рамката во која се води процесот, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во таа насока, македонскиот претседател очекува поддршка од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатената рамка, што е од пресудно значење за процесот

10.09.2013 - 20:47
Фото: 
МИА

најчитано сега