Груевски: Инспекциски совет за поголема контрола над инспекторите
Денеска претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, најави крупни реформи во работата на инспекциските органи, забрзување на прекршочните постапки, основање државна комисија за одлучување во втор степен во инспекцискиот надзор и прекршочната постапка како посебно правно лице.
Преку измени и дополнувања на законите за инспекциски надзор за прекршоци и за основање на државната комисија премиерот најавува подобрување на практикувањето на правдата и на економскиот амбиент, намалување на трошоците за граѓаните и правните лица и поголема ефикасност на институциите. Првпат ќе се основа инспекциски совет кој ќе се грижи за квалитетот на работата на инспекциските служби. За стекнување со звањето инспектор ќе се добива лиценца со рок на траење од пет години по што ќе се обновува. Најважна работа за приватниот сектор, како што рече Груевски, е воведување координиран надзор.
- Тоа значи дека правните субјекти во иднина нема да бидат подложни на чести редовни надзори од страна на различни инспекторати, туку ќе бидат координирани и во една компанија редовните надзори ќе се вршат едновремено. На тој начин ќе се надминуваат забелешките од страна на компаниите дека честите надзори предизвикуваат застој во нивното работење и им одземаат време и ресурси кои биле планирани за реализации на нивните тековни обврски, рече Груевски.
Работата на инспекторите ќе се следи преку систем за успешност со квалитативни и квантитативни оценки. Најзначајна новина кај измените на Законот за прекршоци е забрзувањето на постапките со издавање мандатен и прекршочен налог, ќе се воведе и електронска достава во прекршочната постапка, ќе се дефинираат и условите за водење прекршочна постапка при што судовите ќе можат да носат одлуки и без присуство на странката.
Се утврдуваат и рокови за постапување при што за прекршоци со глоба до 15.000 евра треба да се постапува во рок од два месеци, а над таа сума од три месеци.